Белгиската претстава „Блокбастер“ на уметничкиот колектив „Менсуел“ утревечер го отвора 43. издание на Млад отворен театар (МОТ), кој ќе трае до 28 септември. Отворањето е во 20 часот во Македонскиот народен театар (МНТ).
Директорот на Младинскиот културен центар (МКЦ) Русе Арсов рече дека ќе се изведат 17 претстави, од кои три се македонски премиери, како и дека годинава фестивалот е доста разновиден тематски и ќе го предизвикува совремието и обременетоста со капитализмот, власта, слободата, стереотипите, технологијата, но и човечноста и алтруизмот.
Рено Врија и Батист Изаја од „Менсуел“ рекоа дека претставата нема режисер, и оти колективот составен од музичари, актери и од видео дизајнери ја работеле заедно, а премиерата била пред три години. Тие ја најавија „Блокбастер“ како филм-пародија, создаден со повеќе од 1.400 кадри извадени од 160 холивудски филмови.
„Од таа гигантска монтажа се раѓа блокбастер со оригинално сценарио. Не знаеме како е кај вас, но кај нас во Белгија богатите стануваат сѐ побогати, а сиромашните сѐ посиромашни. Ние го користиме хуморот како инструмент за да го прикажеме насилството од доминантната класа врз обичните луѓе“, рече Врија.
Белгиските уметници додадоа оти претставата е во мал процент финансирана од Министерството за култура на Белгија, и дека не бараат спонзороства од банки и осигурителни компании, туку заработуваат од продажбата на карти.
На МОТ меѓу другите ќе дојдат и: Словенско младинско гледалишче со претставата „Идиоти“ според сценарио на Ларс фон Трир, а во режија на Нина Рајиќ-Крањац, Новосадско позориште со „Гробница на Борис Давидович“ по текст на Данило Киш од македонскиот режисер Александар Поповски, португалската театарска компанија на Жоа Гарсија Мигуел со „Го убивме шугавото куче“ , независната театарска трупа „Артопиа“ со „Шииит“ во режија на Ирем Ајдим, а ќе игра и „Но(е)ва Македонија“ на Битолскиот народен театар, во режија на Кокан Младеновиќ.
„Јо Стромгрен Компани од Норвешка по втор пат е на МОТ, овојпат со женски кастинг во ‘Болница’, со која ги поместува границите употребувајќи бесмислен јазик и локална естетика на секоја од претставите“, велат од МКЦ.
Македонската режисерка Нина Николиќ на МОТ ја носи претставата „Буре барут“ , неколку дена по премиерата во Босанското народно позориште во Зеница. Ќе игра и корејската претстава „(Во живо) БЈ Фауст“ на театарската компанија „Сисифе“ од Сеул, а фестивалот ќе заврши со „Црнила ремикс’, во режија на Јордан Симонов, а во продукција на МКЦ.
Билетите до денес се продаваат по 200 денари, а од утре за сите претстави ќе чинат по 300 денари.
Во придружната програма на фестивалот ќе има повеќе настани, како концертите на нордиската експериментална група „Фајр!“ и египетската изведувачка Надах Ел Шазли, како и изложбата „Сценографии 35“ – ретроспектива на 35-годишната сценографска кариера на Крсте С. Џидров.
Б. НЕСТОРОСКА