БИКИНИ, КАКО ИСУС, АМА СО ЦИЦКИ

(Кон филмот „Бикини Мун“, режија Милчо Манчевски, играат Кондола Рашад, Сара Голдберг, Вил Џановиц, Сатја Сридхаран)

    БИКИНИ, КАКО ИСУС, АМА СО ЦИЦКИ

    Има едно страшно сознание што извира од суштината на сите филмови на Милчо Манчевски – дека човекот секогаш губи. Најсилно извира од „Бикини Мун“, неговиот брилијантен петти филм, со кој Манчевски се потврдува како еден од најиновативните и најоригинални уметници на денешнината, мајстор кој суверено владее со раскажувањето приказни.

    „Бикини Мун“ е приказна за Бикини Мун Дејвис, жена војник вратена од Ирак каде што доживеала нервен слом, сега е бездомничка во Њујорк и едвај се држи во едно парче, а надлежните ѝ ја одзеле ќерката. Во еден шелтер центар ќе ја открие филмска екипа што снима документарец и ќе ѝ се залепи да ѝ го снима животот, а патем ќе се обиде и да ѝ помогне. И додека филмаџиите се опседнати со својот филм, Бикини им полудува пред очи, ама тоа што постојано ја гледаат низ камера не значи дека може да ѝ ја видат маката и да сочувствуваат со неа. Таа страда сама во своето лудило, невидлива за себичниот, воајерски поглед на другиот. Затоа и ќе избере да си остане во својата фантазмагорична стварност, реалност создадена во нејзината глава.

    Можеби баш тоа е вистината што најмногу растревожува во овој филм и те остава занемен од мака.

    Ирскиот уметник и критичар Конор Мекгрејди вели дека вистинската моќ на филмовите на Манчевски е „во способноста да го предизвикаат гледачот и да отворат разговор не само за филм, туку и за нашиот однос кон комплексната конструкција на општественото и историско ткиво во кое престојуваме“.

    Во таа смисла, „Бикини Мун“ е најзрело дело на Манчевски, кој тука оди најбескомпромисно и најбезобразно во истражувањето на филмската форма и нејзината способност да пренесе комплексна емоција. Создаден како лажен документарец, како филм во филм, во „Бикини Мун“ маѓепсува раскажувачката страст на авторот и неговото мајсторско водење низ сите слоеви на ликовите и на приказната  – само што ќе те впие едниот слој, тој ќе те извлече и ќе те однесе во другиот и така цело време, ем да си во прикаската, ем да не заборавиш дека ти ја раскажува. Манчевски, јасно е, ужива да си игра со раскажувањето и со гледачот – во еден момент се сетив на Анџела во „Прашина“, на нејзината насмевка во сцената кога ќе му дозволи на Еџ да ѝ ја поправи приказната („Ало, чекај малце, порано ти рече дваесе!“, вика Еџ. „Пеки, ај да не ти кршам атер, дваесе“, вика Анџела), па одеднаш ќе почнат да исчезнуваат војниците и место двесте ќе останат дваесет.

    По содржина и по форма „Бикини Мун“ е извонредно комплексно дело, а изгледа како извајано во едно парче, со неверојатна леснотија.

    Кондола Рашад е маестрална глумица, а Бикини Мун ја игра со таква прецизно нијансирана интензивност што дури боли. Во битката на Бикини да остане „нормална“ во овој ненормален свет за да си го врати детето, Рашад со својата игра внесува епски трагизам и ја открива личната трагедија на еден човек како трагедија на човештвото. Човекот секогаш е зијан.

    Вил Џановиц како Тревор, режисерот на документарецот, Сара Голдберг како девојка му и продуцентка Кејт и Сатја Сридхаран како тонскиот снимател Кришна, се извонреден ансамбл чија игра органски се прожима со онаа на Рашад и блескаво ја надополнува. Тревор на Џановиц е себично копиле кој се грижи само за својата „уметност“. Кејт на Голдберг е кротко манипулативна добродетелка навлечена на сопствената потреба да помага онака како што таа сака, а не како што му треба на оној во нужда. Кришна на Сридхаран е единствениот од оваа екипа со некаков морален компас и способен за макар малку емпатија.

    Мајсторската камера на Џошуа З. Вајнстин, која љубопитно и френетично се движи за ништо да не остане незабележано, е клучниот елемент што на филмот убедливо му ја овозможува таа игрива структура на квазидокументарец.

    Дејвид Манс, постојаниот соработник на Манчевски на сите негови филмови, во продукцискиот дизајн на „Бикини Мун“ во фасцинантната урбаност на Њујорк креира визуелно прекрасен камерен простор, во кој дискретно и постепено се гради реалноста што се создава во главата на Бикини. Огромна емотивна вредност во таа слика има и извонредно креативниот дизајн на костими на Миси Дипјеро, особено за изгледот на Бикини – алиштата што таа ги носи како да се огледало на нејзината напатена душа.

    Во својот прв американски филм, Манчевски повторно работи и со двајца негови македонски соработници, Мишо Ристов кој го изработи специјалните ефекти и композиторот Игор Василев – Новоградска. Музиката на Новоградска е дискретна, а јака, и целата музичка слика е создадена од звуци од околината вкомпонирани во целина која е органски дел на квазидокументарната структура на филмот.

    Кога пред 24 години Манчевски дебитираше со „Пред дождот“, легендарниот филмски критичар Роџер Иберт напиша: „Дела како ова ме одржуваат. Потсетник за благородноста што филмот може да ја досегне“.

    „Бикини Мун“ е потсетник за благородноста што уметноста може да ја досегне.

    Марина КОСТОВА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира