„БИКИНИ МУН“ НА МАНЧЕВСКИ ОСВОИ НАГРАДА ВО ПОРТУГАЛИЈА

    „БИКИНИ МУН“ НА МАНЧЕВСКИ ОСВОИ НАГРАДА ВО ПОРТУГАЛИЈАСпецијалната награда на жирито на фестивалот Фантаспорто во Порто, е прва награда за петтиот филм на најнаградуваниот македонски режисер Манчевски

    Петтиот филм на режисерот Милчо Манчевски „Бикини Мун“ ја освои специјалната награда на жирито на фестивалот Фантаспорто во Порто, Португалија, каде изминатава недела ја имаше својата европска премиера.

    Ова е прва награда за петтиот филм на најнаградуваниот македонски режисер. Манчевски на Фантаспорто пред две години беше лауреат на наградата за животно дело.

    Изминатава сабота, „Бикини Мун“ , американско-германска копродукција, имаше американска премиера на фестивалот Синеквест во Сан Хозе, Калифорнија.

    Филмот доби одлични рецензии по премиерата на Синеквест, : „’Бикини Мун“ е воодушевувачки брилијантен филм“, „Целосно свежо и оригинално дело на режисерски маестро“, „Ова е филм каков што ‘Обликот на водата’ сакал да биде, ама не знаел како“, напиша меѓу другото американската критика.

    „Бикини Мун“, на Синеквест ќе биде прикажан четири пати во програмата Живот, која го најавува филмот со зборовите „Царствата на умот се бескрајни и чудесни“.

    Реномираниот Синеквест е избран за најдобар филмски фестивал од читателите на „УСА тудеј“ и се одржува во Силиконската Долина.

    Во текот на месецот „Бикини Мун“ ќе игра и на еден од најголемите американски фестивали на независен филм во Сарасота, а во Европа ќе се прикаже и на фестивалот во Софија и Истанбул.

    „‘Бикини Мун’ е психолошки портрет кој има формат на лажен документарец и зборува за тоа како медиумите (вклучувајќи го и филмот) го експлоатираат поединецот. Денес секаде и секој снима и тоа го гледаме сите: од прислушување и безбедносни камери до самослик на Фејсбук. ‘Бикини Мун’, како и моите досегашни филмови зборува за природата на вистината, лагата и илузијата“, изјави Манчевски.

    Пофалби за одличната изведба во филмот добива и Кондола Рашад. Рашад – која беше три пати номинирана за бродвејската награда Тони („Ромео и Јулија“ со Орландо Блум, „Куќа за кукли – втор дел“) и која во моментов игра во серијата „Милијарди“ – ја глуми Бикини Мун Дејвис. Бикини е харизматична жена војник со психички проблеми која го привлекува вниманието на документарна екипа; тие сакаат да ја искористат нејзината приказна за сопствена слава.
    Во оваа модерна бајка која се потпира врз нарушениот идеал за семејство настапуваат и Сара Голдберг, Вил Јановиц и Сатја Сридхаран, а директор на фотографија е Џошуа З. Вајнастајн.

    „Бикини Мун“ имаше светска премиера на фестивалот во Сао Пауло каде ја освои бразилската критика. „Брилијантен авторски филм“, „Милчо, провокативен како и секогаш, прави особено оригинален и силен коментар за информатичкото општество“, „Делото на Манчевски флертува со надреализмот со цел да ја прикаже стварноста. Тој е режисер-филозоф“, напишаа меѓу другото бразилските критичари.

    Манчевски, кој дипломираше на филмска академија во САД, ја започна професионалната кариера со филмови и спотови во Њујорк, каде и живее, освојувајќи ја и наградата на Ем-Ти-Ви), каде и живее. После номинацијата за Оскар и наградата Индепендент спирит, соработуваше со холивудските студија и работеше на серијата „Жица“ (The Wire) за Ејч-Би-О.

    Неговиот филм „Пред дождот“ е најнаградувано македонско уметничко дело (Златен лав во Венеција и уште 30 други меѓународни награди), а „Њујорк тајмс“ го вброи во 1.000 најдобри филмови на сите времиња. Неговиот последен македонски филм, „Мајки“ е снимен пред осум години, а во меѓувреме тој го сними кубанско-американски експериментален филм „Крајот на времето“, кој освои четири меѓународни фестивалски награди, и „Бикини Мун“.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира