„БИКИНИ МУН“ НА МАНЧЕВСКИ СО СВЕТСКА ПРЕМИЕРА ВО БРАЗИЛ, ИЗЛЕЗЕ И ПРВИОТ ТРЕЈЛЕР (ВИДЕО)

    Продукцијата денеска го објави и трејлерот за „Бикини Мун“

    Петтиот игран филм Милчо Манчевски „Бикини Мун“ ќе има светска премиера на фестивалот во Сао Пауло, Бразил, на 21 октомври. Ова е најголемиот фестивал во Латинска Америка и еден од најголемите во светот, а Манчевски ќе биде присутен за разговор со бразилската публика и за дискусија за моралноста и документарниот филм. Филмот ќе игра во програмата специјални презентации, објави фестивалот.

    Куриозитет е дека за првпат играат два филма од ист автор на еден фестивал – „Бикини Мун“ ќе има светска премиера, а бразилска премиера ќе има наградуваниот кус експериментален „Крајот на времето“.

    Во насловната улога на Бикини Мун игра Кондола Рашад, позната од хит ТВ-серијата во САД „Милијарди“

    Манчевски вели дека „Бикини Мун“, што има формат на лажен документарец, зборува за експлоатација на единката од страна на медиумите.

    „Инспирација беше доминацијата на снимање денес – од прислушување на Големиот Брат до селфи на Фејсбук. ‘Бикини Мун’ – како и моите досегашни филмови – зборува за природата на вистината, лагата и илузијата.  Филмот го има мирисот на Њујорк, снимен е на повеќе локации во градот кој ми е втор дом и многу го сакам. Имаме извонредно талентирана екипа – и актерска и филмска. На овој филм се изборив за апсолутна креативна слобода, без мешање од финансиери, продуценти или политичари, со целосна доверба и хармонична соработка. Ова е еден од ретките американски филмови каде што авторот има право на фајнал кат (право на финална верзија)“, вели Манчевски за „Бикини Мун“.

    Манчевски е популарен во Бразил уште од „Пред дождот“ што освои награда токму во Сао Пауло и беше филм на годината и во оваа и во други земји во Латинска Америка. Во Сао Пауло јужноамериканска премиера имале и сите филмови на Манчевски, а на универзитетите во Бразил и Латинска Америка неговите филмови се дел од образовната програма.

    Новиот филм на Манчевски е за Бикини, харизматична, темпераментна и неспокојна поранешна жена-маринец, која се враќа од Ирак и ненамерно станува центар на документарен филм, додека се обидува одново да се интегрира во општеството и да си го поврати старателството врз малата ќерка.

    Манчевски вели дека „Бикини Мун“, што има формат на лажен документарец, зборува за експлоатација на единката од страна на медиумите; – постерот за „Бикини Мун“

    Во насловната улога игра Кондола Рашад, позната од хит ТВ-серијата во САД „Милијарди“ и од бродвејската верзија на Шекспировата „Ромео и Јулија“ со Орландо Блум. Рашад е, инаку, ќерка на позната глумица Фелиша Рашад која се прослави со серијата „Козби шоу“. Во филмот играат и Сара Голдберг, Вил Џеновиц и Сатја Сридхаран.

    Директор на фотографија е младиот њујоршки „вундеркинд“ Џошуа Вајнстин, а продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Лондон, верниот соработник на Манчевски кој соработува со него на сите негови филмови.

    „Бикини Мун“ е снимен во Њујорк, и е копродукција меѓу САД, Германија и Канада. Ова е првиот филм на Манчевски во кој не учестува Македонија.

    „Бикини Мун“ е прв долгометражен филм на Манчевски во САД после епизодата на серијата „Прислушкиувачи“ (The Wire) која тој ја режираше за „Ејч-Би-О“ во 2002 година. По студиите во САД, Манчевски живее во Њујорк од 1985 година, каде е неговото професионално формирање и каде освои награда на музичката телевизија Ем-Ти-Ви за спотот „Тенеси“, потоа прогласен за еден од 100-те најдобри во историјата.

    Манчевски сними четири филма во Македонија како европски копродукции, финансирани од владите на Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Шпанија, Бугарија и Еуримаж.

    Македонија во овие филмови учествуваше со една петтина од целокупните буџети.

    Неговите македонски филмови „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“ и „Мајки“ ја презентираа македонската култура на сите шест континенти, со комерцијална дистрибуција во над 50 земји, проекции на над 200 фестивали и над 40 меѓународни награди, меѓу кои и Златниот лав во Венеција и номинација за Оскар.

    „Њујорк тајмс“ го вброи  „Пред дождот“ во 1.000 најдобри филмови на сите времиња.

    Манчевски е добитник и на почесен докторат од универзитетот ВГИК во Москва, Златен лав во Венеција, номинација за Оскар, Индепендент Спирит, Давид ди Донатело, ФИПРЕСЦИ, УНЕСКО, Сребрен кондор, ЕМ-ТИ-ВИ и други.  Неговите филмови се предаваат на бројни универзитети на сите пет континенти, а влезени се и во наставната програма на средните училишта во Италија и Турција. Користени се и во наставата во Јужна Кореја. За неговите филмови се одржани две академски конференции, во Фиренца и во Лајпциг.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира