БИТФЕСТ ПОЧНА, ПА ОПШТИНАТА ПО ДВЕ НЕДЕЛИ ОБЈАВИ ПОВИК ЗА УЧЕСТВО НА БИТОЛСКОТО КУЛТУРНО ЛЕТО

    БИТФЕСТ ПОЧНА, ПА ОПШТИНАТА ПО ДВЕ НЕДЕЛИ ОБЈАВИ ПОВИК ЗА УЧЕСТВО НА БИТОЛСКОТО КУЛТУРНО ЛЕТООд отворањето со музичкиот настан „Ѕвездена симфонија“. (Фото: Општина Битола)

    Откако на 3 јули со големиот музички настан „Ѕвездена симфонија“ беше отворено 16. издание на културното лето Битфест, дури денес, односно две недели подоцна, Општина Битола објави јавен повик за заинтересирани субјекти кои сакаат да учествуваат во програмата на Битолското културно лето. Предмет на јавниот повик е кофинансирање на манифестации и проекти од областа на културата, а вкупниот износ на пари кои се предвидени со овој повик е 1 милион денари.

    Се чекаше ребалансот на буџетот, со кој за Битфест од првичните 1,5 милиони денари, од кои најголемиот дел беа исплатени за отворањето, сега се зголемуваат на 2,5 милиони денари, а Програмата за култура се дополнува со 3 милиони денари. Повикот на кој право на учество имаат сите заинтересирани субјекти, физички, правни лица, Здруженија на граѓани, владини организации и јавни установи од областа на културата со седиште во Општина Битола, ќе трае до 23 јули, а активностите ќе треба да се изведат до 31 август.

    За отворањето на Битфест немаше јавен повик, бидејќи, како што рекоа претходно од Општината, беше време на избори, па затоа Комисијата за евалуација му предложи на градоначалникот, за организирање на настанот да ја прифати понудата на здружението „Мјузик арт“.

    Од Општината тврдеа дека изборот, иако без јавен повик, е законски, а претседателката на Советот Габриела Илиевска обвини за конфликт на интереси и криминална афера.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира