БОЈАН ЛАЗАРЕВСКИ Е НОВ В. Д. ДИРЕКТОР НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ, ОДЛУЧИ ВЛАДАТА

    БОЈАН ЛАЗАРЕВСКИ Е НОВ В. Д. ДИРЕКТОР НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ, ОДЛУЧИ ВЛАДАТАЛазаревски досега беше член на Управниот одбор на Агенцијата за филм. (Фото: АФ)

    Бојан Лазаревски е именуван за вршител на должност директор на Агенцијата за филм, одлучи владата на денешната седница. Лазаревски досега беше член на Управниот одбор на Агенцијата за филм.

    Тој е економист од банкарскиот сектор, а на директорската функција во Агенцијата доаѓа од работно место во финансиското друштво за кредити „ИутеКредит Македонија“.

    На прашање од САКАМДАКАЖАМ.МК зошто Владата именува в. д. директор на Агенцијата за филм, со оглед дека во почетокот на ноември објави Јавен оглас за именување директор на Агенцијата за филм со мандат од две години и дали Јавниот оглас е поништен и зошто, од Владата одговорија:

    „Конкурсот за директор на Агенцијата за филм е завршен, меѓутоа изборот на кандидат сѐ уште не е направен од причина што станува збор за специфична агенција кадешто детално се анализираат предложените програми за работа, но Владата на Република Северна Македонија сакајќи да излезе во пресрет на вработените постави в. д. директор за краток период кој ќе биде потписник за нормално функционирање на институцијата. Пристигнати се повеќе апликации кои ќе бидат детално разгледани“.

    Мандатот на в. д. директорот трае 6 месеци.

    Мандатот на претходниот директор на Агенцијата за филм Горјан Тозија истече на 4 август, а Владата на 22 октомври констатира дека му е завршен мандатот и заклучи да не му биде продолжен.

    Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на 23 јули побара од Владата да го разреши Тозија пред истекот на мандатот поради прекршување на процедурите во постапките согласно Законот за филмска дејност, но како што кажа на 21 октомври членот на Комисијата Владимир Георгиев, Владата ѝ одговорила дека не е надлежна да го разреши, иако согласно членот 16 од Законот за филмска дејност, Владата го именува и го разрешува директорот на Агенцијата за филм. Тој кажа дека ДКСК иницијативата за разрешување на Тозија и одговорот од Влада ги доставила до вицепремиерот за борба против корупција, за одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира