БУБА БЕШЕ ПРИМЕР КАКО СЕ САКА ТЕАТАРОТ, РЕКОА АКТЕРИТЕ ОД МНТ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ЗА ЉУПКА ЏУНДЕВА

    БУБА БЕШЕ ПРИМЕР КАКО СЕ САКА ТЕАТАРОТ, РЕКОА АКТЕРИТЕ ОД МНТ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ЗА ЉУПКА ЏУНДЕВА„Љупка имаше љубов, топло срце и почит за целиот свет“, рече актерот Томе Витанов на комеморацијата ви МНТ (Фото: МИА)

    Префинета дама на Македонскиот народен театар (МНТ), актерка дискретна во радоста и тагата, актерка со љубов и почит кон сите, беа дел од топлите зборови кои глумците од МНТ ги кажаа на денешната комеморација за нивната драга колешка, Љупка Џундева, која почина на 7 декември на 84 години.

    „Единствената дама во МНТ. Летна кон убавините и ги остави нејзините убавини. Ти благодарам. Летај гулабице, нека ти е вечна слава“, е пораката од актерката Катина Иванова.

    Џундева играше во првиот македонски филм „Фросина“, а се прослави со улогата во првата македонска комедија, култната „Мирно лето“ на Димитрие Османли, играше и во „Македонска крвава свадба“, како и во бројни театарски претстави, тв драми, монодрами и радиодрами.

    „Љупка, или како што сите ја викавме Буба, имаше љубов за целиот свет. Секогаш посветена докрај, истражувачки насочена кон соработка со режисерот, колегите и сите реализатори на претставата.
    Буба го сакаше секој свој лик, секој свој колега, режисер, сценограф, костимограф, секому му се даваше целата, од секого примаше сѐ, секогаш во полза на претставата, за театарот на кој му беше бескрајно посветена, затоа и секој нов лик ѝ беше нова љубов. Не знаеше да ја скрие радоста од секоја нова претстава. Умееше специфично и на свој начин да биде добронанемрна и кон лошата претстава и кон лош одиграниот лик“, стои во пораката од театарската критичарка Лилјана Мазова, што ја прочита актерката Снежана Конеска-Руси.

    Семејството на Џундева на денешната комеморација, директорката на МНТ Симона Угриновска, актерката Милица Стојанова и Искра Гешоска (Фото: МИА)

    Во текстот од Мазова е наведено дека Џундева била позната како дисциплинирана актерка која никогаш не доцнела на проба, а таква останала и подоцна како гледач, секогаш доаѓајќи на време, да се види со сите, да се поздрави и да си го најде местото без никому да пречи.

    „Дамата или убавицата на театарот во Македонија, беше горд, достоинствен пример за тоа како се сака блискиот, подалечниот, професијата, театарот“, додава Мазова.

    Актерот Томе Витанов ги спомна сите истакнати личности кои за неколку дена починаа, како академиците Боро Митриќески, Блаже Ристовски, Иван Катарџиев, актерот Мите Грозданов, драматургот Горан Стефановски, режисерот Љубиша Георгиевски и Џундева.

    „Авион преполн со блиски луѓе како да се извишил над облаците на македонското небо. Блиски творци кои полетале некаде кон светот, да ја претстават културата на својата земја и одеднаш, му откажале сите мотори и се срушил, не на сон, туку на јаве. Премногу е тоа за оваа мала страдна земја. Повод за неколкудневна национална жалост“, рече Витанов.

    Последната улога на Џундева на сцената на МНТ беше во 2015, како Марина во претставата „Вујко Вања“ од Чехов во режија на Зоја Бузалковска.

    Меѓу другите признанија, доби и Награда за животно дело „11 Октомври“, награда за животно дело „Војдан Чернодрински“ и награда „13 Ноември“ на град Скопје.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира