ЧИТАЊАТА НА СТРУШКИТЕ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА ЗА ПРВПАТ ЌЕ БИДАТ НА ЧЕТИРИ ЈАЗИЦИ

    ЧИТАЊАТА НА СТРУШКИТЕ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА ЗА ПРВПАТ ЌЕ БИДАТ НА ЧЕТИРИ ЈАЗИЦИРоманската поетеса Ана Бландијана е годинашната добитничка на „Златен венец“ на СВП

    Триесет и два странски и 30 домашни поети ќе учествуваат на 58. Струшки вечери на поезијата (СВП), што ќе бидат отворени на 21 август. Програмата на фестивалот има 52 настани, а покрај Струга, каде ќе се одржи најголем дел од настаните, поетите ќе се претстават и во Охрид, Калишта, Куманово, Велес, Прилеп, Небрегово и во Скопје.

    „Фестивалот од оваа година ќе стане четиријазичен. Покрај македонски и англиски, главните читања ќе бидат и на албански и француски. Најголемиот дел од настаните ќе бидат пренесувани во живо на официјалниот канал на Јутјуб“, соопштија од СВП.

    Автор на годинашната „Поетска порака“, што ќе биде прочитана на отворањето на фестивалот, е Влада Урошевиќ, на кој во чест на 85. роденден му е посветен посебен термин за поетски портрет.

    Фестивалските настани почнуваат во 10 часот со садење дрво во Паркот на поезијата во Струга и со поетско читање во чест на добитникот на „Златен венец“ за 2019 година, славната романска поетеса Ана Бландијана. Гала отворањето ќе почне во 20.30 часот на платото пред Центарот за култура.

    За главните фестивалски вечери, гала отворањето и затворањето, ќе биде обезбеден превоз од Скопје преку два правци: Скопје-Кичево-Струга и Скопје-Велес-Битола-Струга.

    Д. ЧУБРИЌ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира