ДАРУВАЊЕТО Е ИЗРАЗ НА ЉУБОВ -УМЕТНИКОТ ГЛИГОР СТЕФАНОВ ПОДАРИ 21 ДЕЛО НА МСУ

    ДАРУВАЊЕТО Е ИЗРАЗ НА ЉУБОВ -УМЕТНИКОТ ГЛИГОР СТЕФАНОВ ПОДАРИ 21 ДЕЛО НА МСУГлигор Стефанов, еден од најзначајните македонски уметници, кој живее во Канада, лани се врати во Скопје после 30 години. (Фото: К. Попов)

    Уметникот Глигор Стефановл, еден од најзначајните македонски автори, кој лани имаше ретроспективна изложба во Музејот на современа уметност (МСУ), одлучи делата од оваа поставка да ги подари на музејот.

    „По пат на подарок, уметникот ги пренесе неговите авторски права и овластувања на МСУ за сите дела од поставката ‘Грабење во просторот’. Горди сме што колекцијата на МСУ  е побогата за една толку значајна збирка составена од 21 ремек дело на нашиот уметник, Глигор Стефанов“ велат од музејот.

    Стефанов, кој три децении живее во Канада, вели дека дарувањето е израз на благодарност и љубов.

    „Не можам да го заборавам оној тмурен ноемвриски ден во 1981 година, неколку месеци по моето дипломирање, кога како млад и анонимен уметник, без препораки и познанства, влегов во канцелариите на МСУ за да замолам ако некој сака да го погледне моето портфолио. Таа посета на МСУ го промени мојот живот. Марика Бочварова во последен момент ме вклучи во изложбата ‘Млада генерација’, Соња Абаџиева ме покани да земам учество во изложбата ‘Интервенции во простор’, Зоран Петровски ме предложи за наградата ‘Млад борец’ а Мирослав Поповиќ ме избра во годишната изложба “Критичарите бираат’ Така започна веќе познатата долгогодишната соработка. Конкретно, подарувањето на делата од ретроспективната изложба на МСУ е упатување на благодарност кон институцијата и секој еден со кој соработував и работев во минатото и во деновите на подготовки на истата, благодарност до сите што го вреднуваа и подржуваа моето творештво. Ретроспективната изложба, монографијата и сместувањето на делата во колекцијата на МСУ се една целина која ја заокружи мојата уметничка активност, која интезивно се одвиваше во 80те и 90те години на минатиот век и е директно поврзана со македонското поднебје и сензибилитет“, вели Стефанов.

    Стефанов, кој во 1993 заедно со скулпторот Петре Николоски беа првите македонски претставници на Венециското биенале, е роден во Кавадари, а дипломирал (1981) и магистрирал (1985 ) на Академијата за ликовни уметности во Белград, отсек вајарство. Од 1988 живее и работи во Лондон, а во 1995 се пресели во Виндзор, Канада.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари