ДЕЛ ОД КОНКУРСОТ НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ЌЕ БИДЕ ПОНИШТЕН, НАЈАВИ ЗАЕВ ПО СКАНДАЛОЗНИТЕ РЕЗУЛТАТИ

    ДЕЛ ОД КОНКУРСОТ НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ЌЕ БИДЕ ПОНИШТЕН, НАЈАВИ ЗАЕВ ПО СКАНДАЛОЗНИТЕ РЕЗУЛТАТИСкопскиот џез фестивал не е поддржан на Министерството за култура, а директорот Оливер Белопета жестоко го демантира премиерот Зоран Заев кој тврди дека „ниеден документ по протокол нема доставено Џез фест, а го молеа“. (Фото: СДК.МК)

    Дел од Конкурсот за проекти од национален интерес на Министерството за култура за 2019 ќе биде поништен, изјави вечерва премиерот Зоран Заев, по реакциите откако се разбра дека меѓу другите, не се поддржани од Министерството за култура и една од најзначајните културни манифестации во земјава – Скопскиот џез фестивал, како и Офф-Фест, Здраво млади, фестивалот 103 генерации на радиото „Стотројка“.

    Министерството вчера ги објави нецелосните резултати од Годишната програма за национален интерес во културата, кои на неколку пати во текот на денот се ажурираа.

    „Смешно и трагично е ако ви кажам дека ниеден документ по протокол нема доставено Џез фест, а го молеа. Одлуката ќе се поништи и таа ќе биде објавена. Освен за националните институции каде што нема реакции, тоа се домовите на културата. Но за сите други апликанти, одлуката ќе биде поништена“, рече Заев, додавајќи дека со тоа испраќа порака до јавноста дека граѓаните се слушнати.

    На изјавата на Заев вечерва реагираше директорот на Скопскиот џез фестивал (СЏФ) Оливер Белопета, кој тврди дека Заев има неточни информации за апликацијата на фестивалот.

    „Секој поединечен искажан збор е неточен! Комплетна лага! Не е мое да претпоставувам кој од неговите најблиски кабинетски соработници му пренесува вакви ‘информации’, иако притоа не би бил далеку од вистината“, напиша на својот фејсбук профил Белопета.

    Министерот Асаф Адеми, кој е во Берлин три дена пред премиерата на филмот на Теона Митевска на Берлинале, во објава на Фејсбук се амнестира од одговорност за скандалозните резултати на конкурсот.

    „Одлуките за секој проект се земени врз основа на предлог на професионалната комисија, и во ниту еден случај не сум вршел никаков притисок за избор на некој проект. Со големо внимание ги следам критиките, реакциите, пофалбите и предлозите, исто така сакам да ви кажам дека сум во постојан контакт со членовите на комисите и со правната служба при министерството. После консултаците што ги имаме, заедно ќе одлучиме за следните чекори. Истовремено, би ви обрнал внимание на следното: моето мото ‘култура за сите’ беше без било каква етничка, политичка или религиозна предрасуда; и јас не сум од тие политичари што функцијата ја гледа како алатка за лично богатење. Во овој период најповеќе се потрудив да ја зголемам транспарентноста, борбата против корупцијата и да не правам било какви разлики меѓу граѓаните на државата. За мене политичката функција ‘Министер’ не е света“, напиша Адеми.

    Плеурат Гаши, претседател на комисијата за фолклорна и музичко-сценско дејност, за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека Скопскиот џез фестивал, Офф-Фест, Здраво млади, фестивалот 103 генерации на „Стотројка“ не се поддржани од Министерството за култура поради нецелосни пријави.

    „Со полна одговорност ви кажувам дека сите тие фестивали кои ги спомнавте не се поддржани затоа што им недостигаа основни документи кои им беа наложени во конкурсот. Јас ги конктактирав сите и побарав од нив програма, побарав изјави за простори и изјави од учесници, но тие останаа глуви во моите настојувања. Имаат простор за жалба оти сите овие не се отфрлени, туку се одбиени од горенаведените причини. Не сакав да не се поддржат. Не дај Боже!“, ни рече Гаши.

    Директорот на СЏФ и на Офф фест, Оливер Белопета ни рече дека има документи за обезбеден простор, но дека за фестивали од ваков ранг не е возможно да се обезбедат преддоговори со странски уметници и нивни потврди. Белопета ни го испрати писмото, кое на 1 февруари го испратил до министерот за култура Асаф Адеми. Тој со денови претходно барал средба со комисијата и од претседателот Гаши љубезно бил известен дека нивните апликации воопшто не ни биле разгледувани, дека по сугестија на правната служба биле одбиени поради недостиг на два потребни документи: преддоговори со изведувачите – учесници на фестивалите и документ за обезбеден простор за реализација на фестивалите.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира