НЕ ДАЈ БОЖЕ, САКАМЕ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ, АМА ГО ОДБИВМЕ ПОРАДИ НЕЦЕЛОСНА ПРИЈАВА, ВЕЛАТ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА, БЕЛОПЕТА ВЕЛИ ТОА Е ТЕНДЕНЦИОЗНО

    НЕ ДАЈ БОЖЕ, САКАМЕ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ, АМА ГО ОДБИВМЕ ПОРАДИ НЕЦЕЛОСНА ПРИЈАВА, ВЕЛАТ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА, БЕЛОПЕТА ВЕЛИ ТОА Е ТЕНДЕНЦИОЗНО„За фестивали со толку долга традиција и со највисок меѓународен ранг, репутација и ориентација, стекнати не само кај нас туку и во светот, апсолутно е невозможно да се обезбеди програма а не пак преддоговори или потврди за настап пред да се знае износот на доделени средства по Годишната програма на Министерството“, вели Оливер Белопета, директор на СЏФ и на Офф-фест (Фото: Скопски џез фестивал)

    Скопскиот џез фестивал, Офф-Фест, Здраво млади, фестивалот 103 генерации на „Стотројка“ не се поддржани од Министерството за култура поради нецелосни пријави, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК Плеурат Гаши, претседател на комисијата за фолклорна и музичко-сценско дејност.

    Министерството денес ги објави нецелосните резултати од Годишната програма за национален интерес во културата, кои на неколку пати во текот на денот се ажурираа.

    „Со полна одговорност ви кажувам дека сите тие фестивали кои ги спомнавте не се поддржани затоа што им недостигаа основни документи кои им беа наложени во конкурсот. Јас ги конктактирав сите и побарав од нив програма, побарав изјави за простори и изјави од учесници, но тие останаа глуви во моите настојувања. Имаат простор за жалба оти сите овие не се отфрлени, туку се одбиени од горенаведените причини. Не сакав да не се поддржат. Не дај Боже!“, ни рече Гаши.

    Лани Скопскиот џез фестивал добил 4.500.000, а барал 7.400.000 денари, а Офф фест добил 2 милиони, а барал 3,6 милиони денари.

    Директорот на СЏФ и на Офф фест, Оливер Белопета ни рече  дека има документи за обезбеден простор, но дека за фестивали од ваков ранг не е возможно да се обезбедат преддоговори со странски уметници и нивни потврди. Белопета ни го испрати писмото, кое на 1 февруари го испратил до министерот за култура Асаф Адеми. Тој со денови претходно барал средба со комисијата и од претседателот Гаши љубезно бил известен дека нивните апликации воопшто не ни биле разгледувани, дека по сугестија на правната служба биле одбиени поради недостиг на два потребни документи: преддоговори со изведувачите – учесници на фестивалите и документ за обезбеден простор за реализација на фестивалите.

    „Овие два документи, од објективни причини, никогаш во изминатите години и долгата историја на фестивалите, не сме ги доставувале во прилог на апликациите, вклучувајќи го и претпоследниот конкурс и тоа никогаш не претставувало проблем.

    За фестивали со толку долга традиција и со највисок меѓународен ранг, репутација и ориентација, стекнати не само кај нас туку и во светот, апсолутно е невозможно да се обезбеди програма,  а не пак преддоговори или потврди за настап пред да се знае износот на доделени средства по Годишната програма на Министерството (кое во случајот на нашите два фестивала е покровител што подразбира и клучна финансиска поддршка за нивно одржување). Исто така, вакви преддоговори или фиктивни потврди со светските уметници едноставно не се практикуваат во светот, не постојат“, стои во писмото.

    Во делот за документ/потврда за обезбен простор за реализација на фестивалите, Белопета наведува дека во својата долгогодишна историја на ОФФ-Фест (17 години) и Скопски џез фестивал (37 години), благовремено ги обезбедувале салите, но дека често тоа не било можно во моментот на аплицирање.

    Од ланското отворање на Скопскиот џез фестивал, еден од најомилените и најпосетени културни настани за македонската публика (Фото: Скопски џез фестивал)

    Директорот наведува повеќе примери од изминативе години, како на пример во 2016/2017 година, кога концертите биле планирани за одржување во Македонската опера и балет (МОБ), но во време на објавување на конкурсот , било најавено реновирање на салата со ветување дека ќе биде готова во јуни.

    „Реновирањето доцнеше и во последен миг фестивалот го префрливме во новиот објект на Македонскиот народен театар (МНТ). За следната година го планиравме новиот објект на Македонската филхармонија, но со оглед на тоа дека не се знаеше кога тој ќе биде пуштен во употреба, таква гаранција за време на апликацијата не можеше да се добие.

    „Истовремено, прифатени се апликации на голем број проекти без таква сулуда документација, како: Скопско лето, Охридско лето, Мајски оперски вечери, МОТ и многу други, што значи дека се работи за нееднаков третман за кој имаме доволно сознанија дека бил намерен, односно тенденциозен“, вели Белопета.

    Костадин Шурбановски вели дека што се однесува на „Стотројка“, не е точно дека недостигала основна документација и дека претседателот на комисијата или било кој од комисијата ги контактирал поради тоа.

    Сопственикот на „Авалон продукција“ Бобан Милошески реагираше дека ниту неговата продукциска куќа ја нема во годишната програма, но Гаши вели дека листите кои се објавени на интернет-страницата на Министерството за култура ќе се дополнуваат.

    „’Авалон’ е пројден, ама не е напишан на табелата заради технички пропуст“, кажа Гаши.

    Од поголемите фестивали во државава, годинава е поддржан Таксират со 500 илјади денари, а побарале 6 милиони денари. Блуз и соул фестивалот побарал 1 милион и 100 илјади денари, а добиле 200 илјади денари. „Пи-Ем-Џи рекордингс“ добиле 100 илјади денари за фестивал, а побарале 700 илјади денари.

    Во категоријата за музичка и музичко-сценска дејност-правни лица, најмногу пари доби „Инбокс ентертејнмент“, 3 милиони денари (побарани 4 милиони и 132 илјади денари) за фестивалот „Тhe park“. Здружението „Артал“ од Тетово доби 2, 5 милиони денари за фестивалот „Меридианс“, а побарале над 4 милиони денари. Истото здржение е поддржано и со 1 милиони денари (побарани над 4 милиони денари) за концертот „Класик и рок мјузик“.

    Фестивали и културно уметнички друштва од Битола со долга традиција реагираат дека иако ги исполнувале критериумите што биле пропишани за да добијат финансиска поддршка, добиле смешни суми од Министерството за култура.

    Културно уметничкото друштво „Илинден“ од Битола, меѓународно познат ансамбл, кој  опстојува 64 години, во моментот има над 350 членови и досега имал оставрено десетици концерти, доби само 30.000 денари поддршка од Министерството за култура за годинешната програма.

    „Нашиот ансамбл е маргинализиран неосновано и тенденциозно од Министерството, иако не сакаме да веруваме дека е намерно, фактите го зборуваат спротивното.Од сите аплицирани и професионално изработени проекти за 2019 година, од кои и проектите за учество на меѓународните фестивали во Бурса, Турција, Искеле, Северен Кипар и Шаламшабата, Будимпешта, Унгарија, сме одбиени и не се одобрени средства. Сакаме да порачаме дека ансамблот ќе продолжи со својата успешна работа без разлика на тенденциозното постапување од страна на Министерството за култура и со гордост ќе ја претставуваме Македонија на едни од најголемите фестивали во светот“, реагираат од КУД „Илинден“.

    И организаторите на Локум фест, меѓународен фестивал на музиката и традиција кој 13 години се одржува во старата битолска чаршија, реагираат на малата поддршка од 100.000 денари што ја добиле за годинава и на начинот на доделување на парите без почитувањње на критериумите.

    „Фестивал кој се оддржува 13-та година, кој имал над 20 земји учеснички, над 60 ансамбли без исклучок квалитетни, кој не наплаќа и се оддржува во Стара чаршија и го промовира културното наследство и традиција, кој понуди респектибилни имиња од Грција  ( Танос Ставридис, група Кал- Србија, Афион-Хрватска, Ансамбл Македонија, Бјонко чалгија Данска, Харундо-Италија, Трио од Косово и др.) или програма со над 940.000 денари чинење со 100.000 денари може да направи една староградска забава со локални ансамбли. Ние се занимаваме професионално со култура и фестивалски менаџмент и амбицијата е да се биде подобар, а не да се падне на ниво пред 10 години“, вели Тоше Ивановски од Локум фест Битола.

    Изненадувачко е и тоа што во програмата со финансиска поддршка за годинава го нема и традиционалниот Фестивал на монодрама што со години се одржува во Центарот за култура во Битола.

    Од Министерството за култура велат дека оние проекти кои не се поддржани, во согласност со член 65 став (5) од Законот за културата, по добиеното решение може да поднесат жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

    Б. НЕСТОРОСКА / Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари