ДЕТСКИ ТЕАТАР ОТКАЖА ДВА ФЕСТИВАЛА ОТИ НЕ СТИГНАА НАВРЕМЕ ПАРИТЕ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА

    ДЕТСКИ ТЕАТАР ОТКАЖА ДВА ФЕСТИВАЛА ОТИ НЕ СТИГНАА НАВРЕМЕ ПАРИТЕ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРАТеатарот за деца и младинци од Министерството за култура не ги добил навреме парите за учество на претставата „Петар Пан“ на фестивалите во Шибеник и Котор оти поради смена на власта барањето не е разгледано навреме; - сцена од „Петар Пан“ и принтскрин од програмата на Шибеник каде најавеното гостување е откажано

    На 27 јуни во Шибеник, и на 4 јули во Котор, во термините на европски реномираните тетарски фестивали за претстави за деца под најавата за скопската претстава „Петар Пан“ на режисерот Боњо Лунгов во продукција на Театарот за деца и младинци (ТДМ) од Скопје, пишува -откажано. Македонскиот ансамбл не успеа да стигне на овие значајни гостувања поради тоа што парите од Министерството за култура не стигнаа до самото патување. Ова ни го потврдија и од Театарот и од Министерството.

    Двете страни велат дека е голема штета што на ваков непопуларен начин се претставуваме во регионални и во европски рамки, и дека со откажувањето се прави штета која наредниве години ќе треба да се исправа.

    Директорот на ТДМ Братислав Димитров, инсистирајќи на точните датуми ни објасни дека тие на 31 мај упатиле барање до Министерството за култура, и смета дека имало време да се реагира.

    „Знаеме дека задоцнивме, зашто финансии за патувања според процедурата се бараат цел месец порано. Но, Министерството знаеше дека ние имаме вонредна ситуација, зашто овие пари кои ги баравме за Шибинек и за Котор беа дел од оние кои претходно беа пренаменети од наше неодржано гостување во Кина. Министерството ни потпиша пренамена на 26 мај.  Откако ја добивме потврдата за поканата на фестивалите, веднаш испративме барање за финансиска поддршка, а тоа беше веќе 31 мај. Уследија неработни денови за Задушница, па веројатно и нашето барање не било веднаш разгледано. Пари до самото тргнување, до 25 јуни не добивме“, вели Димитров.

    Покрај празникот и неработните денови, овој предмет беше еден од многуте што се најдоа за решавање веднаш по смената на власта. Заменикот министер за култура, до неодамна член на ТДМ, актерот Владимир Лазовски ни рече дека е точно ова што го објаснува Димитров и додава:

    „Веројатно можело нешто да се интервенира од страна на Министерството за култура за да не дојде до откажување со што се направи штета која ќе треба во иднина да се исправа. Но, и нам како скоро дојдени во Министерството во тие денови ни стигнуваа многу предмети, а на некои не им се знаеше трагата, па така што и ова барање од ТДМ не стигна навреме да биде разгледано“.

    Фестивалот во Шибеник, Хрватска, се одржува по 57. пат и е докажано во европскиот врв на фестивали посветени на децата. Годинава се одвиваше од 18. јуни до 1.јули. Помладиот, кој со голем успех го следи и програмски соработува со хрватскиот фестивал е которскиот, во Црна Гора, кој по 25-ти пат се отвори на 1.јули и ќе трае до 12. јули.

    „Петар Пан“ е куклена претстава во која е вклучена и актерска игра на екипа од 13 глумци, е селектирана на фестивалите по барање на ТДМ, а влегла во програмата откако италијанска трупа навреме го откажала своето учество. Така што, македонскиот ансамбл ем барал, ем не стигнал да учествува. ТДМ инаку има традиција на гостувања на престижниот фестивал во Шибеник, за што со радост се сеќаваат повозрасните актери во времето на мандатот на првиот директор Љубомир Чадиковски, потоа со Драган Довлев со кого пак биле редовни во Котор.

    Поголемиот дел од сегашните членови на ТДМ не се задоволни од работата на директорот Братислав Димтров, што јавно го изразуваа изминативе две години, а главно се однесуваше на според нив укинувањето на младинската сцена. Незадоволни по откажувањето на летните фестивали велат дека со него биле само до Пустец, и на едно ревијално претставување во Измир.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира