„Џокер“ ќе се бори за најмногу оскари оваа година, откако денеска доби 11 номинации, следен од воената драма „1917“ и „Беше еднаш во Холивуд“ со по десет. И Македонија ќе го очекува и следи претстојното доделување со огромен интерес откако „Медена земја“ беше номиниран во дури две категории: за најдобар документарец и за најдобар странски филм.
Девет наслови се селектирани во изборот за најдобар филм: покрај „Џокер“, „Беше еднаш во Холивуд“ и „1917“, по главната награда одат и „Ле Ман ‘66: Славни 24 часа“, „Ирецот“, „Зајакот Џоџо“, „Мали жени“, „Брачна приказна“ и јужнокорејскиот „Паразит“.
- „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ СО ДВЕ НОМИНАЦИИ ЗА ОСКАР, ЗА НАЈДОБАР ДОКУМЕНТАРЕЦ И ЗА СТРАНСКИ ФИЛМ, ИСПИША ИСТОРИЈА
- АТИЏЕ И ПЧЕЛИТЕ ЌЕ ПОБЕДАТ ВО БИТКАТА НА ПРИРОДАТА СО ДЕСТРУКТИВНОТО, ВЕЛИ ТИМОТ НА „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ПО ИСТОРИСКИТЕ ДВЕ НОМИНАЦИИ ЗА ОСКАР
За Оскар за најдобар актер ќе се борат Адам Драјвер („Брачна приказна“), Антонио Бандерас („Болка и слава“), Леонардо ДиКаприо („Беше еднаш во Холивуд“), Хоакин Феникс („Џокер“) и Џонатан Прајс („Двајцата папи“), а меѓу петте номинирани актерки се Шарлиз Терон („Тие се бомби“), Синтија Ериво („Хариет“), Рене Зелвегер („Џуди“), Сурша Ронан („Мали жени“) и Скарлет Јохансон („Брачна приказна“).
За најдобра машка споредна улога номинирани се Ал Пачино („Ирецот“), Џо Пеши („Ирецот“), Бред Пит („Беше еднаш во Холивуд“), Ентони Хопкинс („Двајцата папи“) и Том Хенкс („Прекрасен ден во сосдеството“), а во женска конкуренција Кети Бејтс („Ричард Џуел“), Флоренс Пју („Мали жени“), Лора Дерн („Брачна приказна“), Марго Роби („Тие се бомби“) и Скарлет Јохансон („Зајакот Џоџо“).
Мартин Скорсезе („Ирецот“), Бонг Јон Хо („Паразит“), Квентин Тарантино („Беше еднаш во Холивуд“), Сем Мендес („1917“) и Тод Филипс („Џокер“) добија номинација за најдобар режисер.
Церемонијата на доделувањето ќе се одржи на 10 февруари во Лос Анџелес.