„ДУХ“, ТРЕТИОТ ПРОЕКТ НА ДУКОВСКИ И ЈАНИЌИЈЕВИЌ, ПРЕМИЕРНО ВО МНТ НА 24 АПРИЛ

    „ДУХ“, ТРЕТИОТ ПРОЕКТ НА ДУКОВСКИ И ЈАНИЌИЈЕВИЌ, ПРЕМИЕРНО ВО МНТ НА 24 АПРИЛГлавната улога во претставата „Дух“ на Дејан Дуковски во режија на Срѓан Јаниќијевиќ ја игра Гораст Цветковски, а плакатот го дизајнираше Зоран Кардула

    Во Македонскиот народен театар (МНТ) на 24 април премиерно ќе се изведе претставата „Дух“ според текстот на Дејан Дуковски, во режија на Срѓан Јаниќијевиќ. Режисерот по трет пат поставува текст на Дуковски, по „Дракула“ во 2008 и „Силјан Штркот шанца“ во 2016.

    Праизведбата на „Дух“ беше во 2015 во Српско народно позориште во Нови Сад, во режија на Александар Поповски, а во 2016 беше поставена и во Белград, во режија на Милан Нешковиќ.

    „Секој човек кој ќе дојде да ја гледа оваа претстава ќе ја почувствува болката, ќе се препознае и ќе сака да стане дел од решението на проблемот со кој живееме – сите чувствуваме една суштинска неправда и не гледаме излез наскоро . Овој текст на Дуковски е поразличен од сѐ што напишал досега, а можеби и еден од најдобрите“, вели Јаниќијевиќ.

    Главниот лик, Александар Мара или Духот, го игра Гораст Цветковски, за кого актерот вели дека е познат и како анти Хамлет, а тој е еден урбан херој кој ја зема правдата во свои раце и тргнува со сите кои му имаат погрешено.

    Во екипата се и Никола Ацески, Емил Рубен, Тања Кочовска, Ивица Димитријевиќ, Тина Трпкоска, Оливер Митковски, Матеа Јанковска, Сашко Коцев, Нина Деан, Јордан Симонов и Тони Михајловски.

    Сценографијата е на уметникот Велимир Жерновски, костимите на модната дизајнерка и професорка Лидија Георгиева, а музиката е на Надежда Рубин, Ивица Димитријевиќ и Јаниќијевиќ. Дизајнот на плакатот е на Зоран Кардула.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира