ФИЛХАРМОНИЈАТА ДОБИ НОВО ПИЈАНО „СТЕНВЕЈ“ ОД 160 ИЛЈАДИ ЕВРА, ДОНАЦИЈА ОД „ШТРАБАГ“

    ФИЛХАРМОНИЈАТА ДОБИ НОВО ПИЈАНО „СТЕНВЕЈ“ ОД 160 ИЛЈАДИ ЕВРА, ДОНАЦИЈА ОД „ШТРАБАГ“За денешните гости, претставници од австриската компанија „Штрабаг“ и за медиумите, пијаното го промовираше младиот талент Арда Мустафоглу со „Токата“ од Властимир Николовски (Фото: Македонска филхармонија )

    По дваесет и шест години, Македонската филхармонија доби ново пијано од престижната марка „стенвеј“, вредно околу 160 илјади евра. Пијаното е донација од австриската градежна компанија „Штрабаг“ која ја градеше новата сала на Филхармонијата, и на која Министерството за култура на рати ѝ го отплаќа долгот од 15 милиони евра. Стариот „стенвеј“ е донација од Македонска пошта во 1992 година.

    В.д. директорот на Филхармонијата Виктор Илиески на денешната промоција на новиот инструмент рече дека отсега нема бидат ограничени во репертоарот, и дека се отвораат можности за концерти со четворорачно пијано. Илиески најави дека пијаното ќе биде промовирано на 10 мај со рускиот солист Евгениј Судбин. Тој додаде дека со поддршка на „Штрабаг“, на 18 октомври во Филхармонијата ќе има свечен концерт со австрискиот диригент Густав Кун со светски имиња, кога ќе се изведе Деветтата симфонија на Бетовен.

    Од марката „стенвеј“ во Македонија, освен Филхармонијата која сега има две пијана, две има фестивалот Охридско лето, еден понов и еден постар модел, и еден во Битола.

    Од останатите брендови, „безендорфер“ и „петроф“, Сојузот на композитори на Македонија има едно пијано , кое е поставено во Музејот на Град Скопје, Македонската опера и балет има 9, но само еден употреблив, а повеќе од 20 има Факултетот за музичка уметност.

    За концертите на македонските и на светските имиња, честа пракса е да се позајмуваат пијаната од други институции, како на пример кога Скопскиот џез фестивал го позајмува стариот „стенвеј“ од Охридско лето.

    Во минатотото, имаше случај кога Филхармонијата не му го позајми „стенвејот“ на виртуозот Симон Трпчески, за неговиот магистерски концерт во Универзалната сала, во организација на Музичката младина на Македонија, па пијанистот свиреше на пијано од ФМУ. По тој случај, Фондацијата „Благовестие“ му купи нов „стенвеј“ на Трпчески.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира