„Боемска рапсодија“, филмот за рок групата „Квин“, е победникот што ги изненади сите на доделувањето на 76. Златни глобуси во Беверли Хилс, освојувајќи ги двете големи награди. Биографскиот филм за Фреди Меркјури ги доби статуетките за најдобар филм/драма и за најдобар актер во драма за ѕвездата на филмот Рами Малек, кој го игра фронтменот на групата.
Фаворитот „Ѕвезда е родена“, од петте номинации, ја доби само наградата за најдобра песна за „Плитко“ (Shallow).
Најдобра актерка за филм/драма е Глен Клоуз за улогата во „Сопруга“.
Кристијан Бејл и Оливија Колман добија Златни глобуси за најдобар актер и актерка во категоријата најдобар филм комедија/мјузикл, за улогите во „Потпретседател“ и „Фаворитот“.
Најдобар режисер е Алфонсо Куарон, а неговиот „Рома“ е и најдобар странски филм.
Втор голем победник на вечерта е „Зелена книга“, филм награден за најдобар мјузикл/комедија, најдобро сценарио и актер во споредна улога за Махершала Али.
Победниците на Златните глобуси важат за предвесници за Оскарите, кои ќе се доделат следниот месец.