ГИ ПРИФАЌАМЕ ЗАБЕЛЕШКИТЕ, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА НА БАРАЊАТА НА СИНДИКАТОТ ЗА РЕВИЗИЈА НА НИВЕЛАЦИЈАТА

    ГИ ПРИФАЌАМЕ ЗАБЕЛЕШКИТЕ, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА НА БАРАЊАТА НА СИНДИКАТОТ ЗА РЕВИЗИЈА НА НИВЕЛАЦИЈАТАЗаменик-министерот за култура, актерот Владимир Лазовски кој на функцијата дојде од Театарот за деца и младинци, од почетокот активно работи на процесот за нивелација на платите во културата што се изведува по усвојувањето на одлуката на Владата. (Фото: Влада на РСМ)

    Министерството за култура ги почитува барањата од културната јавност и од Синдикатот на културата на Македонија (СКРМ) и заедно со институционалната култура, со граѓанските здруженија, поединци од областа на културата како и со репрезентативните синдикати во културата посветено работи за донесување на правна рамка и колективен договор со кои ќе се решат негативните состојби со платите, велат од кабинетот на министерот за култура во оставка Асаф Адеми. Соопштението на Министерството следи по вчерашното барање од СКРМ да се направи ревизија на нивелацијата на платите во културата, како и по најавениот штрајк за 1 октомври, ако до 30 септември не биде потпишан колективниот договор.

    Од Министерството велат дека работат транспарентно на новата норматива повеќе од една година со јавни дебати и со вклученост на сите чинители во културата, вклучувајќи претставници од СКРМ во работните тела за изработка на Законот и на Колективниот договор за култура. Велат дека во процесот на нивелација на платите, што уследи по долги години неправда во поделбата на платите во културата поради неправилности и нелогичности во висината на бруто коефициентите за пресметка на платата, учествувале сите релевантни фактори меѓу кои беа и репрезентативните синдикати од областа на културата.

    „Рокот  за потпишување на колективен договор до 30 септември со почеток на спроведување од 1 јануари 2020  истакнат во барањата на СКРМ е прифатлив рок и за Министерството за култура, па затоа искажуваме уверување дека со сите засегнати страни како и со СКРМ, ќе работиме подеднакво посветено, конструктивно и ангажирано во постигнување на заедничката цел, подобри услови за работа во сферата на културата во Република Северна Македонија“, стои во соопштението.

    Непосредно пред да биде усвоена нивелацијата, реагираа оперските пејачи од Националната опера и балет (НОБ) дека ниту еден од нивната фела не бил вклучен во процесот и дека не учествувале во донесување на адекватно решение за правичен третман на уметниците. Македонските оперски солисти (МОС) реагираа дека немале добра комуникација ниту со директорот Васо Ристов ниту со заменик-министерот за култура Владимир Лазовски.

    Премиерот Зоран Заев до Собранието за нов министер за култура го предложи Хусни Исмаили, а седницата за гласање на новите министри е закажана за утре во 11 часот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира