СИНДИКАТОТ НА КУЛТУРАТА БАРА РЕВИЗИЈА НА ЗГОЛЕМУВАЊЕТО НА ПЛАТИТЕ И НАЈАВИ ГЕНЕРАЛЕН ШТРАЈК ОД 1 ОКТОМВРИ

    СИНДИКАТОТ НА КУЛТУРАТА БАРА РЕВИЗИЈА НА ЗГОЛЕМУВАЊЕТО НА ПЛАТИТЕ И НАЈАВИ ГЕНЕРАЛЕН ШТРАЈК ОД 1 ОКТОМВРИОд седницата на Советот на Сидникатот на културните работници на Македонија (СКРМ), чија претседателка е актеркта Сања Арсовска. (Фото: СКРМ)

    Синдикатот на културата на Македонија (СКРМ) бара од Министерството за култура ревизија на спроведената нивелација, со вклучување на претставници на СКРМ. Нивелацијата на платите во културата беше усвоена на седницата на Владата на 14 мај и со тоа, како што соопшти тогаш Министерството за култура, се опфатени сите вработени во културата, односно вработените во националните установи и вработените во локалните установи од областа на културата.

    Непосредно пред да биде усвоена нивелацијата, реагираа оперските пејачи од Националната опера и балет (НОБ) дека ниту еден од нивната фела не бил вклучен во процесот и дека не учествувале во донесување на адекватно решение за правичен третман на уметниците. Македонските оперски солисти (МОС) реагираа дека немале добра комуникација ниту со директорот Васо Ристов ниту со заменик-министерот за култура Владимир Лазовски.

    Тогаш тие побараа итно и безусловно одложување на спорната нивелација на платите во кулутрата, со цел  достоен третман за нив во истата, средба помеѓу заменик-министерот за култура и групата на оперски солисти од институцијата, како и „дефинитивна и обврзувачка декларација на Министерството за култура, во насока на наше  активно вклучување во процесите на дефинирање на колективниот договор“.

    „Мораме да нагласиме дека кај вработените од културата постои незадоволство поради многу неправилности во процесот на спроведување на нивелацијата, како што е неоснованото покачување на коефициенти на сложеност кај одредени работни места што не се утврдени претходно, па дури и менување на називот на работните места за индивидуален профит. Бараме ревизија на спроведената нивелација со вклучување на претставници на СКРМ, со што, сите неосновани коефициенти ќе се вратат во претходната состојба“, велат од Советот на Синдикатот.

    Оттаму додаваат дека нервозата кај нивното членство ја стимулира и фактот што новиот Закон за остварување на јавниот интерес во културата не е усвоен и е во процес на, како што велат, „тромава“ подготовка речиси две години.

    „Потсетуваме дека поради отсуството на колективен договор, речиси 15 години работните односи се нерегулирани, а културата е школски пример за газење на правата на сите вработени од страна на државата“, вели Синдикатот и наведуваека бараат колективниот договор да биде потпишен до 30 септември, со почеток на спороведување од 1 октомври.

    Ако не бидат спроведени нивните барања, СКРМ најавува генерален штрајк во културата од 1 октомври.

    „Уметниците и културните работници во изминативе две години станаа жртва на партиско-коалициски пазари и тоа придонесе за одолговлекување на процесот на реформи и продлабочување на децениските проблеми, наместо нивно решавање. Наша должност е да се спротивставиме на ваквиот маргинализирачки третман и да го зачуваме нашиот уметнички и стручен интегритет како дејци на темелната вредност, култура без која не може да постои ниту една држава“, велат од Синдикатот.

    Откако беше усвоена нивелацијата, вработените во културата ја земаа априлската плата со задоцнување од три недели.

    „Нивелацијата е исклучително сложен процес кој се однесува за сите позиции и за сите занимања во културата. За Министерството за култура е најважно сите средства да бидат исплатени согласно Законот и согласно колективните договори на институциите во културата. Целта е да бидат отстранети сите можни пречки, во насока на непречена исплата во иднина“, рекоа минатиот месец од кабинетот на министерот во оставка Асаф Адеми.

    Премиерот Зоран Заев до Собранието за нов министер за култура го предложи Хуни Исмаили, а седницата за гласање на новите министри е закажана за в среда.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира