ГОРАН СТЕФАНОВСКИ Е НАШИОТ ШЕКСПИР, НЕГОВ ПОРТРЕТ ПОДАРЕН НА ТЕАТАРОТ ВО БИТОЛА

    ГОРАН СТЕФАНОВСКИ Е НАШИОТ ШЕКСПИР, НЕГОВ ПОРТРЕТ ПОДАРЕН НА ТЕАТАРОТ ВО БИТОЛА„По разговор со неговото семејство, заклучивме дека најубавото место да се вдоми е Театарот во Битола, каде Горан буквално првите детски чекори ги почнал тука“, вели Дарко Јан Спасов во име на донаторот на портретот, Драмскиот аматерски фестивал од Кочани (Фото: СДК.МК)

    Портрет од легендарниот македонски драматург Горан Стефановски (1952-2018), по избор на неговото семејство доби како подарок Народниот театар во Битола, каде тој ги направил, што би се рекло, првите детски чекори во периодот кога татко му бил таму директор, а каде што подоцна биле поставени девет негови драмски дела. Донатор на портретот е Драмскиот аматерски фестивал од Кочани, кој исто така својот зародиш пред 60 години го имал во Битола.

    „По нарачка на Фестивалот, портретот го наслика Орхан Ќамил, познат  сликар од Кочани и во разговорите со семејството на Стефановски, со неговите деца Игор и Јана, и сопругата Патриша, заклучивме дека најубавото место да се вдоми е Театарот во Битола, каде Горан буквално првите детски чекори ги почнал тука бидејќи татко му, Мирко Стефановски, бил директор на Битолскиот театар. Правиме врска меѓу живите и мртвите, меѓу тоа што ќе умрат и оние што ќе се родат“, рече драматургот и преведувач Дарко Јан Спасов, претседател на Драмскиот аматерски фестивал-ДАФ.

    „Се надевам дека ќе поминат многу помалку години од оние што беа потребни да сфатиме кој е Шекспир, овој пат да поминат многу помалку години за нашите генерации да сфатат дека и ние сме имале наш Шекаспир, Горан Стефановски“, додаде тој.

    Портретот беше подарен за време на „Битола Шекспир фестивалот“.

    „Портретот е од особено значање за нашиот Театар особено затоа што семејството на Стефановски го избра Народниот театар од Битола да биде домаќин на овој портрет. Во Народниот театар во Битола биле поставени девет од драмите на Стефановски низ годините“, рече Иван Јерчиќ, директор на НТБ.

    Јан Спасов, кој денес во Битола го промовираше и својот превод на книгата „За милоста, размислувања на Шекпсир“ од Питер Брук, порача да се преведуваат и што повеќе да се читаат книги на македонски јазик кои сѐ помалку ги има.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари