ГРАНДИОЗНОТО ДЕЛО НА ВЛАДИМИР ГЕОРГИЕВСКИ НЕ БЕШЕ ДОВОЛНО ЗА ВЛЕЗ ВО МАНУ

    ГРАНДИОЗНОТО ДЕЛО НА ВЛАДИМИР ГЕОРГИЕВСКИ НЕ БЕШЕ ДОВОЛНО ЗА ВЛЕЗ ВО МАНУ

    Големи зборови, поезија, искрено и широкрадо пријателски се ширеа на комеморативната седница по смртта на еден од најзначајните современи македонски сликари Владимир Георгиевски, одржана на Архитектонскиот факултет каде што предаваше и се пензионираше. Георгиевски почина на 25 мај на 75 години, по тешко боледување. Беше погребан вчера на Градските гробишта во Бутел.

    Професорот Минас Бакалчев рече оти Владо, на овој факултет дошол тихо, воздржано во 1981 година, на местото каде што пред него биле Белогаски, Мазев, Перчинков, Шемов, за набрзо да ги развие своите теми за сликарството и архитектурата, да отвори дебати, и да стане еден вид водич низ уметноста, литературата, филозофијата. Баклачев рече дека Георгиевски беше извонреден раскажувач и дека тие дружења со него се бесценети, а ги доживеале сите кои го преполнија амфитеатарот, студенти, колеги, пријатели, комшии од Скопје и од неговото омилено Леуново.

    Од неговите изложби мнозина влегуваа стемнети, а излегуваа озарени, набере од храм исцелени, велат пријателите уметници за човекот и уметник Владимир Георгиевски (Фото: СДК.МК)

    „Неговото дело донесе тежина, но и слобода да се допрат и преиспитаат најдлабоките теми на човечкото опстојување“, објаснуваше Бакалчев, кој додаде дека тој беше мајстор во соединувањето на Ел Греко и Ван Гог, Веласкез и Гоја, Достоевски и Св.Јован, уметноста и стрипот.

    Георгиевски, кој беше своевиден хроничар и портретист на професорите на факултетот зашто беше постојано со блокчето, па и таму на состаноците, својата просветителска дејност ја завршил со педагошкиот подвиг  воведувајќи редовни неделни термини на кои се зборуваше за значењето на цртежот и просторот во него, па ги донесе и Никита Михалков, Чарли Чаплин, Пикасо, Гоген.

    Емотивно, за ненадоместивата празнина што останува зад  појавноста на мисловниот, прогресивен уметник, кој маестрално ги спојуваше музиката, филозофијата и литературата, зборуваше и сликарката која останува на Одделот по предметите на професорот Георгиевски на Архитектонскиот факултет, за ликовно изразување и пластично обликување, Наташа Милованчев.

    Зборувајќи за големиот учител, таа спомена дека за неговите предавања секогаш се барало столче повеќе, а дека меѓу другото тој ги учел како се слави личноста на творецот и нејзиниот најголем идеал слободата. „Вистинскиот творец е затвореник на сопствената бескрајна слобода“, им велел Георгиевски на студентите поттикнувајќи ги на размислите за смислата на животот и на неговата духовна димензија. Милованчев додаде дека Георгиевски имал запишано оти спомените, ако се живи не се раскажуваат докрај. Тој велел оти нивната целост е потребна кога човек ќе отпатува од другата страна на Сонцето, а таа повикувајќи на вечна слава за Георгиевски додаде:„ Верувам дека сега професорот ќе отслика и раскаже уште многу свои нераскажани слики и спомени во Небесното царство“.

    Театарскиот режисер Бранко Ставрев зборуваше за својот пријател од аспект на неговата пасија кон театарот, како сценограф и костимограф. Раскажувајќи за својата последна идеја да направат претстава во ателјето на Владо, на овој факултет, тој рече:„Во тоа скришно, а јавно место често боравеа Исус Христос, релјефната глава на Фјодор Михајлович, Дон Кихот со Санчо, изгрејсонцата и зајдисонцата на пределот на Леуново, каде што Владо и Евдокија, Фросина и Огнен, Константин и Лука го поминуваа летото, недобројаните распетија, доодените чевли, и главата на Бетовен врз мајчините чаршафи, книгите и цвеќињата, ликовите под павилјонот номер 6 или од одделенијата за рак, гулабите кои колваат човечки сенки, рибите без воздух, антисвадбите и други платна кои не успеале да се преместат од ова тајно местенце“. Таму, продолжи Ставрев, Владо им вареше кафе на сите гости, го слушаше Моцарт, Верди или Брамс.

    Зборувајќи за максимата на големиот маестро:„Цртам, значи живеам“, Ставрев додаде дека засекогаш ќе ја носи тагата што Македонија пропушти да има црква зографисана од Георгиевски, иако тој на великодостојниците им ги понуди своите картони, и што Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) не ги отвори вратите за него.

    Последната изложба на Георгиевски беше „Страдањата на Дон Кихот“, која лани на 15 април се отвори во Музејот на град Скопје, а во јуни беше поставена и во театарот „Палас“ во Париз (Фото: МИА)

    „Ателјето е преполно со грандиозно дело кое допрва ќе го доживее јавното претставување. Тоа дело ќе живее додека е светот и векот“, заврши Ставрев.

    Повеќегодишни пријатели на Георгиевски се и уметникот Коле Манев, и поетите Михал Ренџов и Ефтим Клетников. Манев рече дека со Владо  се другари  63 години, Клетников зборуваше за маестралноста во композицијата и во оркестрацијата на боите кај Георгиевски, а Ренџов вели:„И кога молчевме се разбиравме, мојата куќа беше и негово телје, неговото ателје-мое творечко гнездо. Таму се слушаа Ерихонските труби, се вееја литии, маршираа аџии, епископи, патријарси, политичари, уличари,безделници, лудаци и просјаци. Во тоа ателје шепотат фреските и иконите, белеат балконите на Париз, облаците и чардаците на Галичник“. Ренџов , кој напишал десеттина песни инспирирани од делото на Владо, напишал:„Темнолик-светилник/ Насмеан-таговник/ Љубопитен –незаситник/Блажен-страдалник/ Сиромашен – богатник.

    Ренџов сподели и песна насловена „Слика“ која ја напишал лани при постетата на Владо и со сопругата Доки кај него на Св. Михаил, кога му подариле слика од скопски манастир:

    „Слика“

    На Владимир Георгиевски

    На сликата/ Манастирот, /Во манастирот/ Тој и/ Олтарот,/Зад олтарот/ Здивот на Голтарот/Оној што не чува,/И од оган гаси, /Оној кој по нас/ Копнее/ И молкум пее:/ „Спаси, Боже, спаси“.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари