ИМАТЕ ЗНАЕЊЕ, АМА МНОГУ СТЕ ЗАВИДЛИВИ, ВЕЛИ ГЕРМАНСКИОТ АТАШЕ ЗА КУЛТУРА ПРЕД ОТВАРАЊЕТО НА ГЕРМАНСКАТА НЕДЕЛА НА ДИЗАЈН ВО СКОПЈЕ

    ИМАТЕ ЗНАЕЊЕ, АМА МНОГУ СТЕ ЗАВИДЛИВИ, ВЕЛИ ГЕРМАНСКИОТ АТАШЕ ЗА КУЛТУРА ПРЕД ОТВАРАЊЕТО НА ГЕРМАНСКАТА НЕДЕЛА НА ДИЗАЈН ВО СКОПЈЕАлександар Вељановски од Јавна соба, Наташа Дукоска од „Навигаторс“ и Катрин Фринсфелд, аташе за култура во германската амбасада во Македонија ја најавија програмата за годинашната Недела на дизјан во Скопје (Фото: Недела на дизајн во Скопје)

    На темата „Објективност“, од утре до 25 ноември во Јавна соба во Скопје ќе се одржува осмото издание на Неделата на дизајн во Скопје. Земја во фокус е Германија, која ќе се претстави со 12 светски познати дизајн студија.

    „Германија е моторот на Европа во поглед на индустриски развој, производство, извоз и земја број 1 во светот во организирање меѓународни саеми и поврзување на бизниси од целиот свет. Добриот и квалитетен дизајниран мебел може да има успех само ако производителот успее да го пласира на светските пазари, а она што е најтешко за најголемиот дел од македонските производители е долгорочниот пласман на светските пазари”, рече денес на прес-конференција организаторот Александар Вељановски.

    Катрин Фринсфелд, аташе за култура во Германската амбасада во Скопје рече дека на Неделата на дизјан поканиле  дизајнери од повеќе градови во Германија, за да го покажат концептот на соработка што е карактеристичен за нив.

    „Во Македонија сум забележала дека луѓето не сакаат да соработуваат едни со други, поради завист, љубомора. Тоа не е случај во Германија, дизајнерите соработуваат едни со други, разменуваат искуства. Македонските дизајнери ќе научат од нив како да бидат поефективни на пазарот. Вие имате знаење, но ви недостасува креативност во пласирањето на производите. Исто така, не може да очекувате прво да добиете пари, па да развиете идеја. Никој нема да ви плати додека не види готов производ“, рече Фринсфелд.

    Годинава манифестацијата за афирмација на културните и креативни индустрии во регионот е поделена во шест програмски целини.

    Меѓународната изложба ЕКСПО е составена од домашни производители и млади перспективни дизајнери од целиот регион кои се во потрага по производители, а ќе има и студентски изложби од две академии за дизајн.

    За време на Неделата на дизјан, ќе има и две мултимедијални детски работилници, експериментална работилница за дизајн на производи како и кулинарско шоу со популарниот белгиски мастер шеф Марк де Јонг и гости.

    На отворањето ќе настапи српскиот музички продуцент и диџеј Марк Фанк, хрватската диско-панк атракција „Лолобриџида” е на 23 ноември, џез групата ЗАА на 24 ноември, а во останите денови музика ќе пуштаат и диџеите Константин, Марко Рикалоски, Еми Ермилова, Ју-Екс и Соул Кејс.

    Активностите ќе се реализираат во Јавна соба секој ден од 10:00 до 01:00 часот, а влезот е слободен.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира