ИСТРАЖУВАЊАТА ОД ЛОКАЛИТЕТОТ ВЛАХО, КОЈ БЕШЕ ОШТЕТЕН ОД БАГЕРИ ЗА ЈАГЛЕН, ЌЕ СЕ ПРЕТСТАВАТ НА БЕРЛИНСКИ УНИВЕРЗИТЕТ

    ИСТРАЖУВАЊАТА ОД ЛОКАЛИТЕТОТ ВЛАХО, КОЈ БЕШЕ ОШТЕТЕН ОД БАГЕРИ ЗА ЈАГЛЕН, ЌЕ СЕ ПРЕТСТАВАТ НА БЕРЛИНСКИ УНИВЕРЗИТЕТОвогодишните ископувања во археолошката сонда го потврдуваат автентичниот карактер на оваа импресивна предисториска населба, а во која се открија повеќе правоаголни и овални градби, ровови, структури, врвно изработена керамика и алатки од камен и коска. (Фото: Х. Талевски)

    Одлични резултати даваат истражувањата на археолошкиот локалитет Влахо кај Живојно во Пелагонија за едни од првите земјоделски заедници во Европа, вели Центарот за предистражување на археологијата. Овој локалитет неодамна се соочи со катастрофално оштетување поради ископување на јаглен што предизвика бурни реакции во домашната и светската јавност, и беше на време спречено поради брзата интервенција на Центарот за истражување на предисторијата, Завод и музеј – Битола, Управата за заштита на културното наследство, Министерството за култура и Основното јавно обвинителство – Битола.

    Најновите откритија при овогодишните истражувања уште повеќе го потенцираат уникатниот карактер на археолошкиот локалитет Влахо, а следната недела ќе бидат претставени на предавање на Слободниот универзитет во Берлин.

    Истражувањата вклучуваат археолошко ископување во јужниот дел на оваа голема неолитска населба, геомагнетно скенирање на северната периферија, како и археоботанички, археозоолошки и хронолошки анализи кои се одвиваат во лабораториски услови.

    „Овогодишните ископувања во археолошката сонда го потврдуваат автентичниот карактер на оваа импресивна предисториска населба, а во која се открија повеќе правоаголни и овални градби, ровови, структури, врвно изработена керамика и алатки од камен и коска. Некои од откриените архитектонски структури претставуваат уникатна појава во македонскиот неолит, што дополнително го потврдува раното населување на земјоделските заедници во овој регион и нивната врска со популациите од Анадолија и Блискиот Исток. Најновите сознанија од радиокарбон анализите на градинарски култури и животни, посочуваат дека локалитетот Влахо е формиран околу 6.400-та година пред .н.е. што воедно го прави и една од најраните неолитски населби во Европа. Со тоа се потврдува дека уште во најраните почетоци на неолитот се присутни доместицирани форми на житарици, леќа, грашак, говеда, овци, свињи итн. Пронајдените артефакти дополнително ги потврдуваат високите технички дострели на жителите на оваа неолитска населба што се рефлектира во импресивните керамички садови и нивното декорирање“, велат од Центарот.

    Мултидисциплинарното истражување на Влахо претставува повеќегодишна континуирана соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата и Завод и музеј – Битола, а во соработка со истакнати стручњаци од Германскиот археолошки институт, Универзитетот во Базел, Шпанскиот национален совет за наука, Универзитетот во Белград, Јагиелонскиот универзитет, Археолошкиот музеј на Македонија, Институтот за старословенска култура и Завод и музеј – Прилеп.

    Теренското и лабораториското истражување на овој локалитет се подржани од германската Фондација за проучување и заштита на тумбите, а анализите од македонското Министерство за култура. Во тек се подготовки на публикации со најновите сознанија за Влахо, а кои го следат текот на негово научно афирмирање во врвни европски, американски и македонски списанија и конференции.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира