„ИСЦЕЛИТЕЛ“ НА СТАВРЕСКИ СО СМЕА ГО ИЗЛЕЧИ СОЛУН

    „ИСЦЕЛИТЕЛ“ НА СТАВРЕСКИ СО СМЕА ГО ИЗЛЕЧИ СОЛУННа светската премиера на „Исцелител“ на фестивалот во Солун беше Ѓорче Ставрески и дел од екипата, меѓу кои и главниот актер Благој Веселинов и директорот на фотографија Дејан Димески (Фото: СДК.МК)

    Специјално од Солун за САКАМДАКАЖАМ.МК: Марина КОСТОВА

    Со многу смеа и аплауз вечерва на Солунскиот филмски фестивал помина светската премиера на „Исцелител“, дебито на режисерот Ѓорче Ставрески, снимен како македонско-грчка копродукција. Црната комедија за лекување со алтернативна медицина игра во популарната програма Балкански преглед, а вечерашната и утрешната проекција се распродадени.

    На премиерата во Солун беше Ставрески и дел од екипата, меѓу кои и главниот актер Благој Веселинов и директорот на фотографија Дејан Димески, а по проекцијата режисерот имаше сесија прашања и одговори со публиката. Во филмот за чија приказна е поарно да не се откривааат многу детали пред кино премиерата за да не се расипе изненадувањето, меѓу другите, играат и Атанас Тановски, Диме Илиев и Александар Микиќ.

    „Јас сум хомеопатски терапевт, и единствената причина зошто останав да го догледам филмот кој е ироничен кон мојата работа е што ова е еден од најдобрите дела што ги видов на фестивалот“, беше првиот коментар на една гледачка на разговорот со режисерот по проекцијата.

    „Решив драмата да ја претворам во комедија откако сфатив дека на Балканот луѓето многу сериозно ги сфаќаат животните тешкотии со кои се соочуваат и дека баш комедијата ќе ја појача драмата“, рече Ставрески на сесијата прашања и одговори со публиката по проекцијата на фестивалот (Фото: СДК.МК)

    Ставрески рече дека филмот на почетокот бил замислен како драма, но се пошегува дека така „не влеговме во ниедна сесија за презентација пред продуценти“.

    „Решив да го претворам во комедија откако сфатив дека на Балканот луѓето многу сериозно ги сфаќаат животните тешкотии со кои се соочуваат и дека баш комедијата ќе ја појача драмата“, вели Ставрески.

    Солунската публика имаше многу пријатна реакција на филмот, а Ставрески вели дека е изненаден што таа ги разбра и се изнасмеа и на некои финеси на хуморот што тој ги сметал за локални, македонски.

    На крајот од сесијата прашања и одговори една постара госпоѓа на грчки изреагира зошто воопшто се дозволува да се спомене името Македонија место ФИРОМ, на што публиката се изнасмеа во стилот „ај доста со тие глупости“, а преведувачот дури не го ни преведе на англиски тоа што таа го кажа.

    „Исцелител“ е поддржан од македонската Агенција за филм и од Грчкиот филмски центар, а на премиерата во Солун дојде и новиот директор на Агенцијата Горјан Тозија. Тој пред проекцијата рече дека во Солун на фестивалот  се враќа по точно 22 години, по ноември 1995, кога „Пред дождот“ на Милчо Манчевски беше првиот македонски филм што играл во Грција, а Тозија тогаш беше директор на македонскиот копродуцент на филмот „Вардар филм“.

    Македонската фестивалска премиера на „Исцелител“ ќе биде на 19 ноември на затворањето на фестивалот Синедејс, а на крајот на месецов ќе игра во конкуренција за награди на фестивалот во Талин.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира