ИТАЛИЈАНСКА ОПЕРА ЗА ПРИЈАТЕЛСТВО, ПОЛИТИКА И ПРЕДАВСТВО ВЕЧЕРВА ПРЕМИЕРНО ВО НОБ

    ИТАЛИЈАНСКА ОПЕРА ЗА ПРИЈАТЕЛСТВО, ПОЛИТИКА И ПРЕДАВСТВО ВЕЧЕРВА ПРЕМИЕРНО ВО НОБСолистот Руџери, италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри, директорот на НОБ, Васо Ристов, композиторот Скитино, диригентот Еминовиќ и тенорот Нацоски на пресот во НОБ. (Фото: НОБ)

    Операта во еден чин „Дрдорењата на Лапо“ премиерно ќе се изведе вечерва во 20 часот во Националната опера и балет (НОБ), во чест на 700 години од смртта на Данте Алигиери. Операта е дело на Џо Скитино (музика) и Клаудио Салтарели (либрето), вечерва ќе диригира Иван Еминовиќ, а ќе настапат тенорот Благој Нацоски (Данте), баритонот Џанпјеро Руџери (Лапо), Хорот и Оркестарот на НОБ. Режисер е Дејан Прошев.

    Oперата е посветена на италијанскиот поет Данте Алигиери и на неговиот пријател и поет Лапо Салтарели. Тие биле современици, пријатели и имале улога во политичкиот живот, а таа нивна политичка определеност понатаму ќе предизвика и нивно разделување. Дејството се случува во Фиренца каде живееле и твореле.

    Операта е истовремено традиционална и современа, вели екипата. Традиционална бидејќи обработува теми и настани пред 700 години, но современа бидејќи тие теми и денеска се актуелни, се работи за заплети поврзани со пријателството, политиката и предавството.

    „Благодарен сум што Македонија му посветува големо внимание на Данте. Операта ја компонирав за време на пандемијата и ја направив така да може да биде изведена со намален состав на оркестарот и со малку изведувачи, но со максимален ефект. Се работи за комплексно дело во кое се менуваат атмосферите од конфликтни до комични“, вели композиторот Скитино.

    Директорот на НОБ Васо Ристов вели дека претставата е резултат на културната соработка со Италијанската амбасада во земјава.

    „Како национална установа честа е уште поголема за реализација на дело кое за првпат ќе биде презентирано и изведено надвор од границите на Италија, за првпат пред македонската публика“, вели Ристов.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира