Пронајдени се сликите од Реноар, Сезан и Матис, вредни 29 милиони евра, кои беа украдени од италијански музеј во март, соопшти италијанската полиција. Сликите биле украдени од вилата на Фондацијата „Мањани-Рока“, во близина на Парма, во северна Италија, во грабеж што траел помалку од три минути.
Началникот на полицијата во Парма, Андреа Паљаро, изјави дека истрагата била насочена кон деветчлена банда осомничени лица од Молдавија. Петмина од нив се обвинети дека ја извршиле кражбата, рече тој. На видеоснимките што ги објави полицијата се гледаат двајца крадци со челни лампи и со покриени лица како влегуваат во вилата откако скршиле прозорец. Тие веднаш се упатиле кон просторијата каде што биле изложени трите слики и ги симнале од ѕидот, а потоа се вратиле до прозорецот и ги предале преку него на соучесник кој чекал надвор. Тие ги украле „Риба“ од Огист Реноар, „Мртва природа со цреши“ од Пол Сезан и „Одалиска на терасата“ од Анри Матис.
Полицијата соопшти дека сликата на Реноар е проценета на 3 милиони евра, на Сезан на 6 милиони евра, а на Матис на околу 20.000 евра.
„Сликите беа пронајдени во куќата на еден од осомничените“, изјави началникот на полицијата Паљаро.
Фондацијата „Мањани-Рока“, која се наоѓа на 20 километри од Парма, ја чува уметничката колекција на историчарот на уметност Луиџи Мањани, во која се наоѓаат и дела од Дирер, Рубенс, Ван Дајк, Гоја и Моне.



