Прочуената француска актерка Изабел Ипер ќе биде претседателка на меѓународното жири на 81. Меѓународен филмски фестивал во Венеција (28 август-7 септември), кое ќе го додели Златниот лав за најдобар филм, како и други официјални награди, соопшти Фестивалот.
„Постои долга и убава историја помеѓу Фестивалот и мене. Да се стане привилегиран гледач е чест. Повеќе од кога било, филмот е ветување. Ветувањето дека ќе избегаме, ќе нарушиме, ќе изненадиме, добро ќе го погледнеме светот, обединети во разликите на нашите вкусови и идеи“, изјави Изабел Ипер.
Директорот на фестивалот Алберто Барбера рече дека Изабел Ипер е огромна актерка, барана, љубопитна и со голема дарежливост.
„Муза на бројни големи филмаџии, таа никогаш не се оддалечила од поканата на млади или не толку познати режисери кои во неа го виделе идеалниот толкувач на нивните приказни. Нејзината огромна подготвеност постојано да се става на линија, знак на нејзината невообичаена интелигенција, заедно со нејзината способност да гледа на филмот надвор од географските и менталните граници, ја прават идеална претседателка на жирито на фестивалот отворен за целиот свет, како што е филмскиот фестивал во Венеција. Многу сме ѝ благодарни што ја прифати функцијата, свесни за многуте обврски во филмот и театарот со кои ќе се соочи во наредните месеци“.
Ипер студирала глума на конзерваториумот во Версај. Ја освои наградата за најдобра актерка на Канскиот филмски фестивал во 1978 за „Виолета“ од Клод Шаброл. Работеше со Шаброл во седум други филмови и двапати ја освои Копа Волпи за најдобра актерка на фестивалот во Венеција, за „Приказна за жените“ (1988) и „Церемонија“ (1995), за што ја доби и својата прва награда Цезар.
Во 2001 ја освои својата втора награда за најдобра актерка нво Кан за „Учителка по пијано“ од Михаел Ханеке. Во 2005, Ипер доби Специјален златен лав во Венеција за „Габриел“ на Патрис Шеро.
Во 2017 ја доби својата прва номинација за Оскар за „Таа“ од Пол Верховен, за што освои Златен глобус и наградата Независен дух. Во 2022 ја доби почесната златна мечка на Берлинскиот филмски фестивал.