ЈЕЛЕНА ЖУГИЌ И ЈОВИЦА МИХАЈЛОВСКИ НАЈДОБРИ АКТЕРИ ГОДИНАВА НА „ЧЕРНОДРИНСКИ“

    ЈЕЛЕНА ЖУГИЌ И ЈОВИЦА МИХАЈЛОВСКИ НАЈДОБРИ АКТЕРИ ГОДИНАВА НА „ЧЕРНОДРИНСКИ“Најдобра главна машка улога за Јовица Михајловски во улогата на Шајлок во „Венецијанскиот трговец“ на Драмскиот театар од Скопје

    Јелена Жугиќ е наградена за најдобра женска улога за д-р Ката во претставата „Трудна приказна„ на театар Комедија, а Јовица Михајловски за Шајлок во „Венецијанскиот трговец“ на Драмски театар, на 52. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ кој вечерва се затвора во Прилеп. Фестивалот посветен на македонската драматургија ја награди „Трудна приказна“ за најдобра претстава во целина, за најдобар текст на Благица Секуловска, а актерот Жарко Димоски ја доби наградата „Димче Трајковски“ за улогата на Бошко за најдобра епизодна улога во истата претстава, која доби и награда за најдобра епизодна женска улога, доделена на Ева Скендеровска за Неда.

    Наградата за современа сценска драматизација жирито во состав, академик Митко Маџунков-претседател, Слободан Деспотовски и Братислав Димитров ја доделија на Љупчо Ѓорѓиевски за драматизација на расказ на Живко Чинго во претставата „Лазаревото писмо“ во изведба на НУЦК „Ацо Шопов“ на театарот од Штип. Ѓорѓиевски ја доби и наградата за најдобра режија.

    Наградата за млад актер „Трајко Чоревски“ ја доби Стефан Вујисиќ за улогата на Порција во претставата „Венецијанскиот трговец“, најдобра млада актерка е Сања Русеска за улогата на Мира во претставата „Хај фај“ на НУЦК „Трајко Прокопиев“ од Куманово.
    Марјан Неќак ја доби наградата за музика во „Лазаревото писмо“, Раде Василев е награден за костимографија во „Ана Комнена“, во изведба на НУЦК „Ј.Х.К. Џинот“ – Театар Велес, продукција која доби награда и за рекламен матерјал на авторот Филип Коруновски.

    Олга Панго е наградена за коерографија и сценски движења во претставата „Отело“ на Турскиот театар – Скопје. Награда за сценографија доби Емил Петро за претставата „Фигурае венерис хиториае“ (Љубовни пози на историјата) во изведба на Театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, изведба што е наградена и за колективна игра.
    Наградата за животно дело на отворањето на фестивалот му беше доделена на академик Митко Маџунков.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира