ЈУБИЛЕЈНИОТ 20. ОФФ-ФЕСТ НАМЕСТО ВО ЈУНИ, ПОМЕСТЕН ЗА НОЕМВРИ

    ЈУБИЛЕЈНИОТ 20. ОФФ-ФЕСТ НАМЕСТО ВО ЈУНИ, ПОМЕСТЕН ЗА НОЕМВРИФестивалското отворање се планира со концертот на модерниот фадо дует Лина-Раул Рефре. (Фото: Офф-фест)

    Јубилејното 20. издание на Офф-фест наместо во јуни, ќе се одржи во ноември, соопшти организаторот. Оттаму велат дека причина за поместувањето од планираниот термин, 2-6 јуни за 9-13 ноември е „доцнењето на договорот и придружната документација (а со тоа и благовремената исплата на неопходниот аванс) од Министерството за култура“.

    Лани, 19. издание беше поместено од јуни за есента, поради ковид пандемијата.

    Од кабинетот на министерката за култура Ирена Стефоска велат дека договорот за учество во финансирањето на Офф-фест е навремено доставен до организаторот, Скопје џез фестивал.

    „И покрај тоа, апликантот не само што не го потпиша договорот туку поднесе и забелешки. Апликантот во неколку наврати е информиран за текот на постапката како и за тоа дека непотпишан договор не произведува правно дејство. Оттаму, нејасно е неговото прозивање на Министерството за култура“, реагира Министерството.

    Според веќе подготвената програма, фестивалското отворање се планира со концертот на модерниот фадо дует Лина-Раул Рефре, колаборативен проект на португалската фадо дива Лина Родригез и популарниот шпански артист Раул Рефре,  еден од најбараните и најиновативните светски продуценти во моментов.

    Овој проект, кој лани кулминираше со албумот „Лина_Раул Рефре“ (Glitterbeat), своевидна модерна посвета на музиката на големата фадо легенда Амалија Родригез, беше оценет од критиката како еден од клучните настани на светската музичка сцена во 2020 година.

    За првата фестивалска вечер на Офф-фест се најавува и проекција на документарниот филм „Уметноста на Амалија“,  посветен на кралицата на португалското фадо Амалија Родригез.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира