Киното Милениум е оштетено од попладневниот земјотрес во Скопје, и откажана е вечерашната премиера на филмот „Ослободувањето на Скопје“ на Раде Шербеџија. Македонскиот продуцент на филмот Роберт Насков за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека од земјотресот е оштетен плафонот на киното, паднати се лесонитни делови, па поради безбедносни причини одложена е премиерата на филмот. Исто така, одложено е и прикажувањето на филмот во кината Синеплекс во трговскиот центар Сити мол.
„Откако ќе се санира киното Милениум ќе закажеме нов датум за премиера. Според сегашната состојба, откачените делови на плафонот може да паднат и од појак звук“, ни рече Насков од „Кино око“.
Со „Ослободувањето на Скопје“ вчера во Битола беше отворен фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“, а скопската кинопремиера беше закажана за вечерва во 20 часот.
По силниот земјотрес во 15.10 часот од 5,2 степени со епицентар на шест километри источно Скопје на длабочина од четири километри, во главниот град беа почувствувани уште три потреси со помал интензитет. Претходно, околу 7 часот утринава, скопјани ги разбуди земјотрес со јачина од 3,9 степени.