„КРАЈОТ НА ВРЕМЕТО“ НА МАНЧЕВСКИ НАГРАДЕН ВО ЧЕШКА

    „КРАЈОТ НА ВРЕМЕТО“ НА МАНЧЕВСКИ НАГРАДЕН ВО ЧЕШКАКусиот експериментален филм на Манчевски освои награда на меѓународниот фестивал во Јихлава, Чешка

    „Крајот на времето“, кусиот експериментален филм на Милчо Манчевски, освои награда на меѓународниот фестивал во Јихлава, Чешка. Филмот е веќе прикажан на дваесетина фестивали, и освои награда во Аспен, Колорадо.

    „Во рамките на неколку минути филмот прикажува момент од секојдневната стварност кој трае само неколку секунди и со тоа отвора прозорец кон мнозина скриени детали што го слават животот. Жирито го цени директниот пристап на режисерот и неговата способност да изгради тензија во навидум безвременската атмосфера на улица во Куба. Микроприказните откриени низ разнослојно успорено движење на сликите претставуваат мали чудесии, кои ѝ избегнуваат на нашата перцепција во стандардното течение на времето“, вели во образложението за наградата жирито за филмот на Манчевски.

    „Крајот на времето“ е прикажан во програмата „Фасцинации: вселени“, која фестивалот ја опишува како „голема фабрика за експериментално правење филмови каде филмовите кои се базирани на стварноста се ослободуваат од сѐ што им тежи и каде значајно се шират можностите на кинематографскиот израз“.

    Во рецензијата на филмовите од фестивалот, канадскиот режисер на експериментални филмови и критичар, Мајк Хулбум, пишува: „’Крајот на времето’ растегнува еден миг на сончево кубанско попладне. […] Делови на сликата се замрзнати, додека други се интелигентно исечени и успорени, и се движат по позадината или чекаат. Како во најраните мигови на кинематографијата, нема една фокална точка. Вниманието на гледачот е поттикнато да лута по сликата, небаре нашата потреба по херои или предмети за тестирање сѐ уште не е неопходна. (Угнетувањето мора да било полесно тогаш.) Студија на секојдневниот живот и на скришното избавување кое чека скришно, додека никој не гледа. Прослава на заедништвото и проток на истото попладне кој тече низ секое од нашите тела“.

    „Крајот на времето“ е кубанско-американска копродукција по сценарио и режија на Милчо Манчевски, експеримент кој тој го сними во Куба лани, додека предаваше на кубанската државна филмска академија. Иако во филмот не учествува македонската држава, преку Агенцијата за филм, во филмот учествуваат Мишо Ристов како автор на вузелните ефекти и Игор Василев Новоградска како автор на тонскиот дизајн и на музиката. Директор на фотографијата е Ален Лопез Мартинез, монтажерка Кристина Поженел, а колорист Мајкл Двас.

    Филмот е откупен е за светска дистрибуција, а од идниот месец ќе се прикажува во Јапонија.

    Македонската премиера на „Крајот на времето“ беше на отварањето на годинашното издание на фестивалот „Браќа Манаки“ минатиот месец, како и на скопските манифестации „Култиватор“ во Кино Карпош, а вечерва и на „Читај, бе, братучед, читај!“ на Букстар во Кино Култура.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира