КУЛТНОТО РАДИО КАНАЛ 103 НА 1 МАЈ ЌЕ ЗАМОЛКНЕ НА 24 ЧАСА, КАКО ПРОТЕСТ ОТИ ВЛАДАТА И МРТВ 2 ГОДИНИ НЕ МУ ДАВААТ ФРЕКВЕНЦИЈА

    КУЛТНОТО РАДИО КАНАЛ 103 НА 1 МАЈ ЌЕ ЗАМОЛКНЕ НА 24 ЧАСА, КАКО ПРОТЕСТ ОТИ ВЛАДАТА И МРТВ 2 ГОДИНИ НЕ МУ ДАВААТ ФРЕКВЕНЦИЈАНа 1 мај радиото полни 30 години; - Костадин Шурбановски од Стотројка на интервју со The Black Heart Procession и „Чалгија саунд систем“ во 2015. (Фото: Канал 103)

    Култното музичко радио Канал 103 на 1 мај ќе го исклучи радио-стримингот и 24 часа ќе има молк. Потегот за 30-годишнината од основањето, е знак на протест поради тоа што веќе 2 години нема фреквенција и покрај јавните ветувања на МРТВ и на Владата.

    Во март 2019, најстариот и најрелевантен алтернативен медиум во земјава беше исклучен од етерот, продолжувајќи со емитување на програмата исклучиво онлајн.

    „Канал 103, за жал, е и културно наследство во опасност, нерегистрирано, непрепознаено и заборавено од страна на институциите. Пред околу две години радиото беше исклучено од ФМ етерот како нелегално, продолжувајќи да функционира исклучиво онлајн. И покрај сите ветувања од надлежните (МРТ и Владата) дека проблемот набргу ќе биде решен, враќањето на 103-та фреквенција никако да се случи, да дојде на дневен ред“, додаваат од тимот.

    „На денот што го означува 30-годишното постоење на Канал 103, се одлучивме гласно да замолчиме. Ќе го исклучиме радио-стримингот и ќе емитуваме молк во времетраење од 24 часа во знак на протест против глупоста, културната неписменост, глувоста и игноранцијата на оние што се повикани и одговорни да ги одржуваат и негуваат докажаните културни и медиумски вредности во државата. Завршете си ја својата домашна работа, Канал 103 мора да се врати на ФМ скалата, веднаш!“, велат од популарната Стотројка.

    Канал 103 е независна музичка радиостаница, која започна со емитување на програмата на 1 мај 1991 година, како младинско експериментално музичко радио во рамките и како дел од Македонското радио.
    „Канал 103 – искра светлина од мрачните лавиринти на Македонската радиотелевизија“, вели еден од популарните џинглови на Канал 103. Со ласерска прецизност џинглот ја доловува суштината на популарната Стотројка, редок културен феномен во овие три децении македонска посткомунистичка транзиција.

    Со неверојатната младешка енергија, свежи и современи идеи и секако извонредната популарност со која радиото се стекна кон средината на 1990-те години, популарната Стотројка успеа да избори комплетно независна уредувачка политика и покрај тоа што остана дел од јавниот сервис МРТ.

    Во март 2019, најстариот и најрелевантен алтернативен медиум во земјава беше исклучен од етерот, продолжувајќи со емитување на програмата исклучиво онлајн. (Фото: Канал 103)

    „Во услови на бесконечна транзиција, брутална корупција, комплетно деградирање на сите општествени вредности и ужасна партизација на медиумите, Канал 103 остана недопрена оаза на независноста, интегритетот и непоткупливоста, како и вистински дом на македонската алтернативна музика и сцена воопшто. И сето ова е резултат на чистата љубов, искреност и ентузијазам за луѓето што ја креираат програмата еве веќе три децении, без никаков финансиски надомест. Феномен без преседан на овие простори“, стои во нивната реакција со која ги наведуваат причините за протестниот молк.

    „Пребродувајќи ги успешно сите искушенија, сопки, навреди, понижувања, обиди за исклучувања, политички влијанија, но и внатрешни превирања, Стотројка е сè уште тука затоа што е неверојатно пргава, жилава и затоа што има мисија. Благородна, културна, едукативна, цивилизациска, општествена задача која не само што не е завршена, туку, се чини, никогаш не била понеопходна. Покрај промоцијата на добриот вкус, радиото ја препозна европската идеја уште одамна, далеку пред тоа да стане излитена флоскула“, велат од радиото.

    Освен формално признавање на постоењето, функционирањето и работата на Канал 103 во рамките на МРТ, тимот на Стотројка бара вклучување во систематизацијата на МРТ како јавен сервис на граѓаните на Македонија, со целосно зачувување на својата независна уредувачка политика, емитување на целата територија на државата и техничко осовременување на студиото на Канал 103, во кое моментално постојат супстандардни услови за работа, како и обезбедување нов предавател и канцелариски простор за потребите на радиото во рамките на МРТ.

    „Стотројка е постара од државата. Тоа што нејзиниот статус речиси 30 години останува нерешен е само показател за културолошката (не)писменост на сите досегашни политички племиња. Стотројка е во Европа уште пред тоа да стане излитена флоскула. Во моментов, радиото има соработници и соработнички од Софија, Лондон и Брисел. Вмрежено е во две меѓународни радио платформи. Од друга страна, Канал 103 во моментов е единствената содржина од јавен интерес што ‘нелегално’ се емитува од зградата на ‘јавниот’ сервис кој децениски тоне во пропаст, заедно со архивите на нашата културна историја. Заборавен од господ, ЕУ и НАТО. Во 1970-тите години уредник на програмата за народна музика на Македонската телевизија (тогашно ТВ Скопје) бил Петре М. Андреевски. Денес, таму оперираат залутани анонимуси. Очигледно е дека некому Канал 103 му е постојано трн во око. Дваесетина радио волонтери се опасен остров во океанот на илјадници безработници на државна цицка. Фреквенцијата мора под итно да се врати! За сè останато може да се разговара“,  изјави Ѓорѓи Јаневски од Стотројка за САКАМДАКАЖАМ.МК лани во август.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира