КУЛТНОТО МУЗИЧКО РАДИО КАНАЛ 103 ПО 29 ГОДИНИ Е ИСКЛУЧЕНО КАКО НЕЛЕГАЛНО, МРТ ЦЕЛА ГОДИНА ОДЛУЧУВА ДА ГО ОФИЦИЈАЛИЗИРА

КУЛТНОТО МУЗИЧКО РАДИО КАНАЛ 103 ПО 29 ГОДИНИ Е ИСКЛУЧЕНО КАКО НЕЛЕГАЛНО, МРТ ЦЕЛА ГОДИНА ОДЛУЧУВА ДА ГО ОФИЦИЈАЛИЗИРАКултното радио Канал 103 од 1991 година година функционира како експериментално радио во рамките на јавниот сервис, а лани во март беше исклучено од етерот, продолжувајќи со емитување на програмата исклучиво онлајн; - Од еден од бројните концерти во живо на Стотројка. (Фото: Канал 103)

Редакцијата на Музичкото радио – Канал 103 е во очекување на одлуката на Програмскиот совет на Македонската радиотелевизија (МРТ), со која по 29 години конечно ќе се официјализира и легализира работењето на оваа култно скопско радио.

Канал 103 е независна музичка радиостаница, која започна со емитување на програмата на 1 мај 1991 година, како младинско експериментално музичко радио во рамките и како дел од Македонското радио. „Канал 103 – искра светлина од мрачните лавиринти на Македонската радиотелевизија“, вели еден од популарните џинглови на Канал 103. Со ласерска прецизност џинглот ја доловува суштината на популарната Стотројка, редок културен феномен во овие безмалку три децении македонска посткомунистичка транзиција. Со неверојатната младешка енергија, свежи и современи идеи и секако извонредната популарност со која радиото се стекна кон средината на 1990-те години, популарната Стотројка успеа да избори комплетно независна уредувачка политика и покрај тоа што остана дел од јавниот сервис МРТ.

Лани во март, најстариот и најрелевантен алтернативен медиум во земјава беше исклучен од етерот, продолжувајќи со емитување на програмата исклучиво онлајн.

„Канал 103 од 1991 година година функционира како експериментално радио. Никој низ годините досега немал храброст да го реши тоа прашање. АЕК и Агенцијата за медиуми го затворија затоа што нема статус на официјално радио. Јас како директор го поставив тоа прашање до Програмскиот совет на МРТ и очекувам на прва следна седница да го решиме тоа прашање. Канал 103 да стане официјално радио, како што е Македонско радио, и тимот исто така да биде кај нас“, ни изјави генералниот директор на МРТ Марјан Цветковски.

Канал 103 е независна музичка радиостаница, која започна со емитување на програмата на 1 мај 1991 година, како младинско експериментално музичко радио во рамките и како дел од Македонското радио; – Логото на радиото.

И за оваа одлука на МРТ треба да расправа Програмскиот совет чиј мандат истече во декември 2019, но согласно законските измени во 2018 истите членови ќе работат до изборот на нови. Минатиот состав на Собранието ги пречекори сите законски рокови предвидени за избор на новиот состав на Програмски совет. На конкурсот, за 13 места во новиот Програмски совет до почетокот на март 2019 имаше пријавени 19 кандидати, но Комисија за избори и именувања не успеа да утврди кандидатска листа која треба да се гласа со двотретинско мнозинство како во Комисијата, така и во Собранието. Тогашниот претседател на Комисијата, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, не закажуваше продолжување на комисиската седница без да има консензус меѓу власта и опозицијата за имињата на листата. А власта, пак, не се ни обиде да го смени составот на Комисијата каде мнозинство имаше опозицијата, ниту пак да обезбеди двотретинско мнозинство за избор на Програмскиот совет.

Освен формално признавање на постоењето, функционирањето и работата на Канал 103 во рамките на МРТ, тимот на Стотројка бара вклучување во систематизацијата на МРТ како јавен сервис на граѓаните на Македонија, со целосно зачувување на својата независна уредувачка политика, емитување на целата територија на државата и техничко осовременување на студиото на Канал 103, во кое моментално постојат супстандардни услови за работа, како и обезбедување нов предавател и канцелариски простор за потребите на радиото во рамките на МРТ.

„Стотројка е постара од државата. Тоа што нејзиниот статус речиси 30 години останува нерешен е само показател за културолошката (не)писменост на сите досегашни политички племиња. Стотројка е во Европа уште пред тоа да стане излитена флоскула. Во моментов, радиото има соработници и соработнички од Софија, Лондон и Брисел. Вмрежено е во две меѓународни радио платформи. Од друга страна, Канал 103 во моментов е единствената содржина од јавен интерес што ‘нелегално’ се емитува од зградата на ‘јавниот’ сервис кој децениски тоне во пропаст, заедно со архивите на нашата културна историја. Заборавен од господ, ЕУ и НАТО. Во 1970-тите години уредник на програмата за народна музика на Македонската телевизија (тогашно ТВ Скопје) бил Петре М. Андреевски. Денес, таму оперираат залутани анонимуси. Очигледно е дека некому Канал 103 му е постојано трн во око. Дваесетина радио волонтери се опасен остров во океанот на илјадници безработници на државна цицка. Фреквенцијата мора под итно да се врати! За сè останато може да се разговара“, вели Ѓорѓи Јаневски од Стотројка.

Од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) потврдуваат дека радиото Канал 103 беше исклучено поради долгогодишно емитување со нелегално користење фреквенции.

„Во комуникација и координација со нив, конечно е надминат повеќегодишниот проблем. Ова значи дека Канал 103 влегува во составот на МРТВ само во делот на добивање права за користење фреквенции за емитување, со целосна слобода во работењето и уредувачката политика. Оваа одлука беше поздравена од Канал 103, кои сега конечно ќе можат да работат непречено“, велат од МИОА за САКАМДАКАЖАМ.МК

Канал 103 успеа да избори комплетно независна уредувачка политика и покрај тоа што остана дел од МРТ. (Фото: Канал 103)

Од Канал 103 се задоволни со овие најави, но не и со динамиката на нивно реализирање. Сите фактори вклучени во овој процес се очигледно согласни по прашањето за изнаоѓање трајно позитивно решение за статусот на Стотројка, а радиото, за жал, сè уште, веќе година и пол, е исклучено од ФМ етерот.

Во меѓувреме, музичките соработници на Канал 103, сите волонтери, ја емитуваат својата програма исклучиво онлајн, преку стриминг на интернет, овозможувајќи им на своите слушатели, во речиси невозможни услови за работа, контакт со своето омилено радио. Љубовта и ентузијазмот, велат, сè уште не ги напушта. Напротив, во последно време сериозно и темелно се посветени на подмладување на екипата и освежување на програмата.

МРТ изминативе 3 децении неколкупати ја исклучуваше Стотројка. Многумина не памтат дека движењето #Протестирам почна во 2003, со кампањата „Не ја убивајте Стотројка“, кога МРТВ на чело со тогашната директорка Гордана Стошиќ го укина радиото Канал 103. Протестот против укинувањето на Стотројка кулминираше во скопскиот Градски парк со десетчасовен концерт за поддршка, а свиреа десетина бендови и диџеи. Тоа беше првиот граѓански протест заради зачувување културно богатство и јавно добро и многу помогна Стотројка да се спаси.

И во нивното писмо кое лани, веднаш по последното исклучување, тимот на Стотројка го испрати до МРТ, наведува дека „Во ерата на ризично осамостојување на земјата, првобитната акумулација на капиталот придружена со брутална корупција и секако партизација на медиумите без преседан, Канал 103 остана недопрена оаза на независноста и непоткупливоста. Музиката, пред сè и над сè, ја обезбеди уметничката, а потоа и политичката независност на уредувачката политика“, и дека е „место каде што сите културолошки малцински групи се опфатени и каде што секој може да ја застапува својата идеја без да биде цензуриран, секако доколку го одржи нивото на креативност и конструктивност. Деструктивните општествено-политички идеи и лошиот музички вкус никогаш не нашле место на ова радио“.

Б. НЕСТОРОСКА

 

 

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира