Кумановци денеска повеќе од еден час чекаа ред пред Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, за да купат карти за Меѓународниот фестивал Денови на комедија, кој ќе се одржи од 1 до 15 октомври во Куманово.
Билетите за претставите беа пуштени во продажба во 12 часот, а луѓе од сите возрасти дојдоа многу порано за да фатат ред.
„ Дојдов пред 11 часот и бев прва. Не сакав да задоцнам, бидејќи знаев дека има голем интерес за фестивалот и картите може да се продадат за само еден ден. Не ми беше тешко да чекам, сите си застануваа во ред и никој не се бунеше. Немаше ни влегување преку ред. Купив карти за повеќе претстави, кои одлучивме да ги гледаме“, вели нашата соговорничка која ги купи првите карти.
Граѓаните велат дека интересот за фестивалот е голем, затоа што сакаат театар, па затоа се подготвени да чекаат и подолго време само за да ги видат омилените претстави. Купуваат по 10, 20, 30 карти, во зависност од тоа колку претстави сакаат да погледаат и колку члено е семејството. Билетот чини 150 денари за сите вечери. Но, истовремено забележуваат дека салата на Центарот на култура е премала со само 600 места и затоа посетеноста на одредени настани е ограничена.
Најголем интерес има за српските претстави, меѓутоа оваа година и за премиерата „Бегалка“ од Васил Иљоски, во изведба на Кумановскиот театар.
На годинешниот фестивал Денови на комедија ќе се изведат 12 претстави од театрите од Македонија, Србија, Албанија, Бугарија и Хрватска.
Фестивалот ќе го отвори претставата „Странци“ во режија на Нела Витошевиќ, Драмски театар од Скопје, а потоа следуваат претставта „Љубоф“ на Градско казалиште од Винковци, Хрватска, „39 чекори“ во режија на Илир Бокши, од Кумановскиот театар – Албанска драма, „Мој термин“ на МНТ Скопје, „Одам на лов“ на Велешки театар, „Власт“ од Бранислав Нушиќ, Театар Славија Белград, „Жени пред нервен слом“ Театар Комедија Скопје, „Школо за љубовници“ Академија 28 сцена од Белград, „Смеј се за збогум“, Сатиричен тетар од Софија, Бугарија, „Доктор Шустер“ од Душан Ковачевиќ, Театар Корча Албанија, „Запознај го мојот татко“ од Продукција од Белград, Србија.
Фестивалот ќе го затворат домаќините со премиерата на претставата „Бегалка“ од Иљоски во режија на Ѓорѓи Ризески, Кумановски театар, која се работи по повод 500 години Куманово.
С. НИКОЛИЌ