ЛЕГЕНДАРНАТА ФИЛМСКА ДИВА КЛАУДИЈА КАРДИНАЛЕ ДОАЃА ВО БИТОЛА НА „БРАЌА МАНАКИ“

    ЛЕГЕНДАРНАТА ФИЛМСКА ДИВА КЛАУДИЈА КАРДИНАЛЕ ДОАЃА ВО БИТОЛА НА „БРАЌА МАНАКИ“Директорката на „Браќа Манаки“, Гена Теодосиевска, уметничкиот директор Благоја Куновски- Доре и селекторите на фестивалот во Битола денес објавија дека Кардинале е лауреат на специјалната Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност (Фото: СДК.МК)

    Легендарната италијанската и светска актерка, филмската дива Клаудија Кардинале е лауреат на специјалната Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност на 39. Интернационален фестивал на филмска камера ,,Браќа Манаки“ во Битола, објави денеска фестивалот.

    ,,Се заложив на фестивалот да донесам едно значајно име од филмската уметност, филмска дива која сѐ уште е активна и со успех се појавува и во поновите европски и холивудски филмови, актерка на која Фестивалот во Кан во 2016 година ѝоддаде почит ставајќи го нејзиниот лик и става на фестивалскиот плакат. Во Битола доаѓа неодоливата Клаудија Кардинале”, рече Гена Теодосиевска, директорка на ,,Браќа Манаки“.

    80-годишната Кардинале соработувала со едни од најзначајните режисери и актери во светот Федерико Фелини, Лукино Висконти, Блејк Едвардс, Жан Пол Белмондо, Ален Делон, Серџо Леоне, Чарлс Бронсон, Хенри Фонда и многу други, со улоги во филмовите „8 1/2“, „Роко и неговите браќа“, „Леопард“, „Девојката со куферот“, „Фицкаралдо“. Има снимено над 140 филмови и уште е активна.

    Фестивалот годинава е од 22 до 29 септември во Битола.

    Човекот кој на сценаристот Трајче Попов му послужил како пандан да го вметне ликот на Мандана во филмот „Мис Стон“, публиката ќе може да го види и чуе на снимен материјал во рамки на изложбата по повод 60-годишнината од снимањето на филмот што ќе се одржи во рамки на фестивалот „Браќа Манаки“ во. Изложбата ќе ја содржи приказната од идејата до снимањето на филмот и успехот што го постигнал потоа.

    „За еден филм да биде успешен потребна е и приказна надвор од филмот. Овој филм го има тоа. Сценаристот Трајче Попов уште во 1953, пет-шест години пред снимањето, патувал во Пиринска Македонија каде сретнувал луѓе и настани што го мотивирале да го напише сценариото. Тој го сретнал и панданот за ликот на Манданата, значи оној модел кој му послужил за подоцна да го стави во сценариото. Ние тој човек го имаме дури и снимено на филм во 1953 година и мислиме да ја раскажаиме таа приказна од идејата до снимањето на филмот и неговиот живот подоцна како еден од најуспешните и најпродаваните филмови во поранеша Југославија“, рече Владимир Ангелов, директор на Кинотека на Македонија.

    Покрај изложбата, во Магазата ќе има и проекција на филмот „Мис Стон“ за кој младите, како што рече Ангелов, сè помалку знаат зашто ретко се прикажува. На Фестивалот, покрај 60-годишнината од „Мис Стон“ ќе биде одбележана и 100-годишнината од раѓањето на легендарниот шведски филмски режисер Ингмар Бергман.

    Филмовите од официјалната конкуренција ќе ги оценува петчлено жири предводено од грчкиот кинематографер Олимпиа Митилинау. Во жирито македонски претставник ќе биде режисерот Ѓорче Ставрески.

    „Тој се наметна со својот голем дебитатски успех, според мене најуспешниот по Милчо Манчевски, режисерот Ѓорче Ставрески кој по успехот со неговиот дебитатски филм ‘Исцелител’ на повеќе од 20 фестивали низ светот е учесник и прифаќан со воодушевување и е лаурет на шест еврофестивали“, рече селектророт Благој Куновски-Доре.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира