ЛИДИЈА ДИМОВСКА ЈА ДОБИ НАГРАДАТА „БРАЌА МИЛАДИНОВЦИ“ НА СВП ЗА НАЈДОБРА ПОЕТСКА ЗБИРКА

    ЛИДИЈА ДИМОВСКА ЈА ДОБИ НАГРАДАТА „БРАЌА МИЛАДИНОВЦИ“ НА СВП ЗА НАЈДОБРА ПОЕТСКА ЗБИРКАДимковска е наградена за поетската збирка „Гранична состојба“ во издание на „Или-или“. (Фото: СВП)

    Реномираната поетеса и писателка Лидија Димковска е добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“ од Струшките вечери на поезијата (СВП), за најдобра поетска збирка помеѓу две фестивалски изданија. Поетскиот фестивал по 60. пат ќе се одржи од 26 до 30 август.

    Димковска е наградена за поетската збирка „Гранична состојба“ во издание на „Или-или“, а одлуката во конкуренција од 33 дела ја донесе жири-комисијата во состав: Сашо Огненовски, Искра Гешоска, Атанас Вангелов, Весна Мојсова-Чепишевска и Лулзим Хазири.

    „’Гранична состојба’“ е поетска книга која предупредува насочувајќи ги нашите погледи кон средиштето на отворените рани на светот. Овие стихови, остри како сечила ни ги отвораат актуелните политички и социјални крварења, ни ги предочуваат сите недоумици и несреќни одлуки, нѐ опсипуваат со глетки од историските страдања кои, за жал не донеле никаков наук и на ововременските воени и политички лудила. Лидија Димковска со мудроста на своите стихови предупредува на вриежот на валканата крв, на една неминовност чија бучава нѐ заглушува и навестува татнежпосле чија смртна тишина ќе се отвори амбисот на ништоста“, стои меѓудругото во образложението.

    Фестивалот веќе објави дека британската поетеса Керол Ен Дафи е годинашна добитничка на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира