МЕ ИНТЕРЕСИРА ВИСТИНАТА КОЈА МЕДИУМИТЕ ЈА МЕНУВААТ, КАЖА МИЛЧО МАНЧЕВСКИ ПРЕД ПРЕМИЕРАТА НА „БИКИНИ МУН“

    МЕ ИНТЕРЕСИРА ВИСТИНАТА КОЈА МЕДИУМИТЕ ЈА МЕНУВААТ, КАЖА МИЛЧО МАНЧЕВСКИ ПРЕД ПРЕМИЕРАТА НА „БИКИНИ МУН“„Бикини Мун“ е една современа трагедија, или поточно, филм во филм, лажен синема веритѐ документарец; - Милчо Манчевски за новиот филм чија премиера е в четврток во киното Милениум (Фото: М. Златевска)

    „Бикини Мун“, првиот американски филм на македонскиот режисер Милчо Манчевски,  премиерно ќе биде прикажан в четврток во 20 часот во киното Милениум во Скопје. Пред премиерата, ќе биде прикажан петминутниот филм на Манчевски, „Крајот на времето“, а  од 22 часот , „Бикини Мун“ ќе игра на редовниот репертоар на киното.

    Режисерот Манчевски, најнаградуван македонски автор, на денешниот прес рече дека „Бикини Мун“ е една современа трагедија, или поточно, филм во филм, лажен синема веритѐ документарец.

    „Замисли си да си жена која била војник во Ирак и сега живее на улица на улица во Њујорк како бездомник. Ќерката ѝ ја зеле , затоа што таа е ментално нестабилна. Нејзиниот поглед на стварноста затоа што е ментално нестабилна, затоа што е повратник, е одлична порта во испитувањето на она што нѐ интересира во овој филм, а тоа нашиот однос кон вистината и тоа како медиумите, во случајов, документарниот филм, ја менуваат вистината за која известуваат“, кажа Манчевски.

    Главните улоги ги играат Кондола Рашад, Сара Голдберг, Вил Џеновиц, Сатја Сридхаран и Микал Мишел Харис.

    За кастингот, Манчевски рече дека бил долг процес кој траел неколку месеци и и низ кој поминале неколку стотини глумци. Манчевски соработувал со Ејви Кауфман, кастинг директор на Спилберг, која работела на филмови како „Животот на Пи“, „Кршенгрб планина“.

    Манчевски со дел од соработниците: Мишо Ристов, Игор Василев – Новоградска и британскиот дизајнер на продукција Дејвид Манс (Фото: М. Златевска)

    Имале класичен начин на работа, прво објаснил какви глумци бара, а тоа се глумци кои имаат занает. Многу е поважен занаетот од изгледот и од тоа дали се познати, вели режисерот.

    „Екипата на Ејви ги снимаше, ми ги праќаа, и по 6-7 кругови ја видовме Кондола. Таа глумеше жена со ментален проблем на еден толку уверлив начин, што ми беше непријатно. Помислив дека навистина има проблем, така што не би било етички да ја ангажираме. Улогата не беше напишана за црномуреста актерка, но затоа што Кондола беше најдобра, го адаптиравме сценариото. Таа е веќе ѕвезда во огромен подем, има три номинации за бродвејскиот Оксар, Тони. Многу ми беа интересни суптилно одиграните улоги на Сара Голдберг и Вил Џеновиц, затоа што играат несимпатични ликови на прилично комплексен начин. Улогите не се толку бомбастични, а се страшно добро одиграни“, рече Манчевски.

    „Идејата беше дизајнот на продукцијата да биде невидлив елемент во визуелната приказна на филмот. Сакавме да се даде документарно чувство во креирањето свет кој е вкоренет во реалноста, истовремено создавајќи ја таа реалност“, вели бротанскиот дизајнер на продукција Дејвид Манс (Фото: М. Златевска)

    Тој и на овој филм, како и на сите претходните соработува со наградуваниот британски дизајнер на продукција Дејвид Манс, со кого се познаваат 25 години, од „Пред дождот“.

    „Идејата беше дизајнот на продукцијата да биде невидлив елемент во визуелната приказна на филмот. Сакавме да се даде документарно чувство во креирањето свет кој е вкоренет во реалноста, истовремено создавајќи ја таа реалност“, ни рече Манс.

    Директор на фотографија е Џошуа З. Вајнстин, со кого Манчевски минатиот ноември снимил мал документарец и, вели режисерот, одлично ја завршил работата, имал брилијантна слика и решил да го ангажира за „Бикини Мун“.

    „Тој е млад директор на форографија и режисер, досегашниот фокус му е на документарни филмови, има работено меѓу другото и за ‘Њујорк тајмс’, дипломирал на Универзитетот Бостон, а неодамна го заврши неговиот прв филм ‘Менаж’. Вајнстин, кој често кажува дека не е никако поврзан со Харви Вајнстин (ха,ха) има исклучително око, многу модерна фотографија и би сакал повтотно да работам со него“, кажа режисерот.

    Единствени Македонци во екипата на „Бикини Мун“ се композиторот Игор Василев – Новоградска и дизајнерот на визуелни ефекти Мишо Ристов, со кои Манчевски соработува изминативе неколку години.

    За музиката, Новоградска вели дека користеле повеќе медиуми, повеќе начини како да ја протнат во филмот, а пак Ристов додава дека, како и во претходните 7-8 проекти, ефектите се скриени, што нему лично повеќе му се допаѓа, бидејќи изгледаат како да се дел од фотографијата.

    Светската премиера на „Бикини Мун“ беше на фестивалот во Сао Пауло, Бразил, а американската на познатиот Синеквест фестивал во Сан Хозе, Калифорнија. Изминатиов период, „Бикини Мун“ почна да се прикажува на повеќе светски фестивали, а на 38. Меѓународен филмски фестивал Фантаспорто во Порто, Португалија, филмот ја освои специјалната награда од жирито.

    Македонија е прва земја во регионот со редовна кино-дистрибуција, а по Скопје следуваат фестивалите во Сарасота во Флорида, во Истанбул, Менхетен  во Њујорк, во Франкфурт и Нешвил во мај.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира