МАЈСКИТЕ ОПЕРСКИ ВЕЧЕРИ ЗА ПРВПАТ ЌЕ СЕ ОТВОРАТ И ЗАТВОРАТ СО „АИДА“

    МАЈСКИТЕ ОПЕРСКИ ВЕЧЕРИ ЗА ПРВПАТ ЌЕ СЕ ОТВОРАТ И ЗАТВОРАТ СО „АИДА“„Аида“ се најавува како опера во која „спојот на традицијата со футуристичката виртуелна сценографија ќе ја одведат публиката на патување низ древниот Египет раскажувајќи приказна за љубовта“ (Фото: НОБ)

    Вердиевата опера „Аида“ годинава за првпат ќе ги отвори и затвори Мајските оперски вечери, кои по 47. пат ќе почнат вечерва во 20 часот во Националната опера и балет (НОБ), а ќе траат до 31 мај.

    На вечерашната премиера, која е работена според продукцијата на театарот „Карло Феличе“ од Џенова, ќе диригира Енрико Довико. Режијата според италијанската верзија ја адаптираше Дејан Прошев, кореографијата е на Луиза Балдинети, а асистентка кореографка е Саша Евтимова.

    „Спојот на традицијата со визуелната иновација, футуристичката виртуелна сценографија ќе ја одведат публиката на патување низ древниот Египет раскажувајќи приказна за љубовта“, вели уметничката директорка на Операта, Бисера Чадловска, која операта првично ја видела во Џенова и одлучила да ја донесе истата продукција во Скопје.

    Диригентoт Довико вели дека разликата во однос на изведбата на матичната сцена во Џенова и во Скопје е во тоа што оркестарот не е целосно на сцена, туку дел е во оркестарската школка. Италијанскиот диригент нагласи дека претставата е микс на традиционално и модерно и дека најголем предизвик е музиката да се координира со проекциите,
    односно тие да се приспособат на темпото.

    Во главните улоги се: Благица Поп Томова како Аида, Амади Лага (Франција/Тунис) како Радамес, Ирена Кавкалевска како Амнерис, Борис Трајанов како Амонсаро, Владимир Саздовски како Рамфис и Евгениј Станимиров од Бугарија како Фараонот.

    Диригентот Енрико Довико, ументичката директорка на Операта Бисера Чадловска, директорот на НОБ Васил Ристов и ументичката директорка на Балетот, Олга Панго (Фото: НОБ)

    До крајот на Мајските оперски вечери, ќе се изведат и балетот „Лебедово езеро“ со Маја Махатели од Грузија и Артур Шестериков од Русија, првенци на Холандскиот национален балет, како и оперите: „Лучија од Ламермур“ од Доницети, „Риголето“ од Верди, „Боеми“ од Пучини и „Травијата“ од Верди.

    Како дел од офф-програмата, во соработка со Австриската амбасада во Скопје на 20 мај ќе се одржи проекција на отворено на операта „Ана Болена“ од Доницети. Настанот ќе се одржи пред платото на НОБ, по повод одбележување на 150 годишнината од основањето на Виенската државна опера.

    На 15 мај, во фоајето на НОБ  ќе биде поставена изложба во чест на примадоната и еден од основоположниците на оперската уметност во Македонија, мецосопранот Ана Липша-Тофовиќ. Изложбата на нејзини предмети, фотографии, костими и плакати се реализира на иницијатива и со финансиска поддршка од Матицата на иселениците од Загреб, Советот на македонското национално малцинство на Град Загреб и Заедницата на Хрвати во Македонија.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира