МАКЕДОНИЈА ЈА ПРОГЛАСИ 2021 ЗА ГОДИНА НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ ВО ЧЕСТ НА ЕДЕН ВЕК ОД НЕГОВОТО РАЃАЊЕ

    МАКЕДОНИЈА ЈА ПРОГЛАСИ 2021 ЗА ГОДИНА НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ ВО ЧЕСТ НА ЕДЕН ВЕК ОД НЕГОВОТО РАЃАЊЕ19 декември, денот кога е роден Конески, е ставен на листата на значајни јубилеи на УНЕСКО, што ќе се одбележуваат следната година (Фото: СДК.МК)

    Следната година ќе помине во знакот на Блаже Конески, најавија Министерството за култура и Министерството за образование и наука, кога ќе се одбележува стогодишнината од неговото раѓање.

    Македонија на овој начин ќе се приклучи кон одбележувањето на 2021 како Меѓународна година на мирот и довербата, што ја прогласи Генералното собрание на Обединетите нации.

    Министерството за култура соопшти дека 19 декември, денот кога е роден Конески, е ставен на листата на значајни јубилеи на УНЕСКО, што ќе се одбележуваат следната година.

    „Оваа годишнина заслужува сите актери од културниот, академскиот и општествениот живот да ги мобилизираат своите креативни сили за достоинствено чествување на ликот и делото на Блаже Конески. Министерството за култура и Министерството за образование и наука подготвуваат платформа за усогласување на настаните што ќе се одвиваат на национално и на меѓународно ниво“, велат од Министерството за култура.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира