МАКЕДОНСКИОТ БАЛЕТ СЛАВИ 70 ГОДИНИ СО ПРЕМИЕРИ НА „КАРМЕН“ И „ВАЛПУРГИСКА НОЌ“

    МАКЕДОНСКИОТ БАЛЕТ СЛАВИ 70 ГОДИНИ СО ПРЕМИЕРИ НА „КАРМЕН“ И „ВАЛПУРГИСКА НОЌ“Уметничката директорка на Операта, Бисера Чадловска, директорот на НОБ Васко Ристов, уметничката директорка на Балетот, Олга Панго и унгарскиот кореограф Габор Кевехази на денешната прес-конференција (Фото: НОБ)

    Со премиерите на „Валпургиска ноќ“ и „Кармен“, Националната опера и балет (НОБ) в сабота ќе одбележи 70 години од основањето на македонскиот Балет. Двете претстави од Шарл Гуно и Жорж Бизе ги постави кореографот од Унгарија, Габор Кевехази, а на премиерата ќе диригира Бисера Чадловска. Сценографијата е на Марија Ветероска, а костимите на Марија Пупучевска.

    Кевехази вели дека сон на секој кореограф е да ги постави на сцена „Кармен“ и „Валпургиска ноќ“, бидејќи тие се две прекрасни дела, од двајца музички великани.

    „Оваа задача бараше од мене посебна инспирација, бидејќи за овие две дела има постоечка кореографија од светски познати кореографи, како што се: Алберто Алонсо, Баланшин, Матс Ек. Кога започнав со работа на кореографијата, сфатив дека дури и не го познавам доволно балетскиот ансамбл на НОБ, а мојата креативност секогаш е подобра, кога правам кореографија според балетски играчи, кои лично ги познавам. Затоа, многу се подготвував дома, само јас и музиката. И од таму, кога почнав со работа со балетот во Скопје, точно знаев што сакам да направам. Комбинирајќи различни стилови на движења, сакам да презентирам чиста, неокласична, сложена технички и возбудлива кореографија за македонската публика“, вели кореографот.

    Во „Кармен“ играат: Александра Мијалкова, Мими Поп Алексова-Атанасовска, Васил Чичијашвили, Болаж Лашеи (Унгарија), Саша Евтимова, Мирослав Митрашиновиќ, а во „Валпургиска ноќ“: Марија Кичевска-Шокаровска, Саша Евтимова, Андријана Петковски, Ивана Коцевска. Во двете претстави игра целиот балетски ансамбл.

    „Валпургиска ноќ“ е прва премиера на Балетот на тогашниот Македонски народен театар (МНТ), која се извела на 27 јануари 1949 во кореографија на Ѓорѓи Македонски, под диригентство на Трајко Прокопиев. Сценограф бил Василие Поповиќ – Цицо, костимограф Милица Бабиќ-Јовановиќ. Во таа претстава настапиле: Ѓорѓи Македонски, Анелизе Асман, Драган Савиќ, Благовеста Каваја, Жика Сувачеревиќ.

    „Ѓорѓи Македонски е основоположникот на нашиот балетски ансамбл. Триесет години подоцна Ѓорѓи Македонски во ‘Екран’ од 1978 ќе ја опише атмосферата по повод овој настан: ‘На премиерата, публиката што немаше билети ги скрши прозорците од споредните простории и влезе ‘непоканета’. И никој не ја избрка, ниту пак ја казни, бидејќи одушевувањето беше општо и огромно. Поради аплаузите и постојаното враќање на уметниците на сцената, претставата, наместо два и пол часа траеше четири часа’.

    Нов балетски празник се случил на 30 декември 1949, кога младиот ансамбл го прикажал својот прв целовечерен балет ‘Бахчисарајска фонтана’ од Борис Асафјев, исто така во кореографија на Ѓорѓи Македонски. Во ‘Бахчисарајска фонтана’ се појавува практично и првата генерација македонски балетски играчи кои во следните години, а повеќето од нив во следните две децении, ќе бидат главни носители на репертоарот. Меѓу нив се имињата на Натка Пенушлиска, Светлана Мавровска, Магдалена Јанева, Олга Милосавлева, Емилија Џипунова, Елица Поповска и Јанка Атанасова, односно Тони Шулевски, Александар Гочков и Љубомир Спасовски, малку подоцна и Вера Божинова, Смиљка Силјанова и Олга Дорошева“, велат од НОБ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира