МАСИН Е ПОСЛЕДНИОТ МОХИКАНЕЦ КАЈ НАС, ВЕЛИ АКАДЕМИК ГАЗАНФЕР БАЈРАМ

    МАСИН Е ПОСЛЕДНИОТ МОХИКАНЕЦ КАЈ НАС, ВЕЛИ АКАДЕМИК ГАЗАНФЕР БАЈРАМНе ми е целта да се допаднам, туку сакам прво мене да ми е ќеф, на пријателите, а потоа е судот на јавноста“, вели Масин. (Фото: Фејсбук)

    „Ќе летаат пердуви“ e слоганот на изложбата насловена „Подобро на гранка одошто заглавен во лифт“, со која сликарот Мирослав Масин се претставува во Ликовниот салон на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Сликарот изложува 90-тина дела.

    Академик Газанфер Бајрам, во говорот на отворањето во салонот, кој беше полн со личности од јавниот живот, кажа дека Масин е миленик на публиката, дека со своите перформанси е вистинска урбана ѕвезда, неконвенционален, провокативен, како со појавата, така и со творештвото.

    „Со еден збор, со своите настапи секогаш е доследен на својот имиџ, и тој, според мене, во многу нешта е последниот Мохиканец кај нас. Ние вечерва сме во улога на собирачи на пердуви, па секој сам нека си одбере што му се допаѓа“, рече мозаичарот Бајрам и се пошегува дека Масин во творештвото се испробал во сите техники, но, како што рече „за моја среќа не се испробал уште во мозаикот“.

    Масин последен пат изложуваше во април годинава, во галеријата „Акантус“, кога се претстави со еден вид мала групна изложба, насловена „Од кујната на Масин“.

    Масин (56) вели дека со годините сè повеќе ужива во работата.

    „Не е лесно да бидеш невработен сликар во ваква мала држава каде што постојано има превирања. Не ми е целта да се допаднам, туку сакам прво мене да ми е ќеф, на пријателите, а потоа е судот на јавноста. Сега сум поопуштен и можам да си го дозволам тоа“, вели Масин.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира