„МЕДЕНА ЗЕМЈА“ НОЌВА ПО ПОЛНОЌ ВО ИСТОРИСКИ ПОХОД ЗА ДВА ОСКАРА

    „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ НОЌВА ПО ПОЛНОЌ ВО ИСТОРИСКИ ПОХОД ЗА ДВА ОСКАРАЕкипата на „Медена земја“, продуцентот Атанас Георгиев и режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов на предоскаровскиот настан со номинираните за најдобар документарец. (Фото: Медена земја)

    Македонија денес влегува во историјата на Академијата за филмска уметност и наука, бидејќи името на државата два пати ќе се спомне на сцената на која се доделуваат најпрестижните филмски награди, Оскарите. Презентерите на 92. доделување на Оскарите, на сцената во театарот Долби во Холивуд два пати ќе го прочитаат насловот на документарецот „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов, како номиниран во две категории: најдобар документарец и најдобар странски филм. Ова е првпат во историјата на Академијата еден филм да биде номиниран во овие две категории.

    Церемонијата на доделувањето на Оскарите ноќва ќе почне во 2 часот по полноќ во Долби театарот во Лос Анџелес, а во екипата на „Медена земја“ што ќе прошета по црвениот килим е и главната протагонистка Атиџе Муратова.

    Втора година по ред, церемонијата на доделување Оскари нема да има водител. Церемонијата телевизиски ќе се пренесува во повеќе од 225 земји низ светот.

    Режисерите на „Медена земја“ Тамара Котевска и Љубомир Стефанов на предоскаровски настан со номинираните во категоријата најдобар странски филм, Педро Алмодовар (Болка и слава, Шпанија), Бонг Јон-хо (Паразит, Јужна Кореја), Лаџ Ли (Клетници, Франција) и Јан Комаса (Корпус Кристи, Полска)

    Ова е преглед на патот на „Медена земја“ до Оскарите, заедно со некои поинтересни факти:

    • Првичната идеја беше дека Стефанов и Котевска започнаа со проект за истражување на заштита на природата во Македонија, но наидоа на нешто поинтересно: Атиџе, последната жена-одгледувач на пчели во Европа и нејзините напори да ги спаси пчелите од домашните пчелари, кои го нападнале нејзиниот имот и го загрозиле нејзиното постоење.
    • Снимањето почна во 2015 во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка. Филмот доби и грант од 25.000 долари од Фондот за документарни филмови на Меѓународниот фестивал Сан Франциско, а од Агенцијата за филм на Македонија доби 3 милиони денари. „Медена земја“ во 2017 на Сараевскиот филмски фестивал ја освои највредната парична награда на фестивалот, 30 илјади евра од Турската национална телевизија (ТРТ).
    • Стефанов (46) има над 20-годишно искуство во развој и продукција на проекти и документарци врзани со прашања за заштита на животната средина и човековите права. Има снимено два документарци во 2005 и 2017.
    • Котевска (27), дипломирала на Факултетот за драмски уметности во Скопје, и веќе работи како фриленс режисерка. Нејзиниот дипломски филм „Студантс“ ја освои наградата за најдобар балкански филм на Меѓународниот филмски фестивал на документарен филм во Тирана, Албанија. На последниот конкурс на Агенцијата за филм доби пари за снмање на својот прв долгометражен игран филм.

      Екипата на „Медена земја“ беше дел од предоскаровскиот настан со авторите на „Американска фабрика“, „Пештерата“, „Работ на демократијата“, „За Сама“ номинирани во категоријата најдобар документарен филм. (Фото: Медена земја)

    • Директори на фотографија се Феми Даут и Самир Љума, а музиката е на „Фолтин“.
    • Продуцент е Атанас Георгиев. Неговиот документарец „Плати и жени“ (2009 ) освои голем број награди низ светот, а пак „Со љубов“ од 2017 имаше одличен прием кај македонската публика.
    • АТИЏЕ, МЕДЕНАТА ШАМАНКА
    •  50-годишната Атиџе Муратова е хероината на „Медена земја“. Филмот е сниман во распон од три години. Атиџе уште на почетокот ги прифатила одлично, била весела, бидејќи како што им кажала, отсекогаш сакала да ја снимаат како се качува по ридовите во Централна Македонија, така што е „Медена земја“ е исполнување на нејзиниот сон. Филмот е за нејзиниот фасцинантен живот во селото Бекирлија каде живее на лето, а зимно време е во Дурфулија.
    •  Котевска вели дека на почетокот додека разговарале со Атиџе и го формирале концептот за документарецот, им било чудно како Атиџе зема од медот половина за неа, половина за пчелите.
      „Првично мислевме дека станува збор за некој ритуал. Кога сфативме за што се работи, дека тоа е правило, земи половина од медот, но остави ја другата половина за пчелите, го направивме филмот со порака “, вели Котевска, а Стефанов додава: „Ова не е филм за пчели. Туку има порака за зачувување на животната средина и природната рамнотежа“.
    •  После подолг период на снимање, во филмот, покрај Атиџе и нејзината мајка, се вклучува уште една фамилија со тогаш седум, денес осум деца. Котевска кажа дека речиси шест месеци децата ги избегнувале, не сакале никаков контакт со нив, а потоа постепено се спријателиле и станале една голема фамилија.
    • Мајката на Атиџе починала додека се снимал филмот, и како што вели Георгиев, неверојатна животна коинциденција е што по неколку години, на истиот ден се роди осмото дете на фамилијата и филмот премиерно се прикажа на Санденс во јануари 2018.
    •  На 3 февруари 2019 „Медена земја“ освои три награди на најголемиот американски фестивал на независен филм Санденс, меѓу кои и Главната награда од жирито во програмата Светски филм за документарци, Специјалната награда од жирито за влијание за промена за Котевска и Стефанов како и Специјална награда за камера за Даут и Љума.

      Атиџе Муратова од зафрленото овчеполско село Бекирлија е ѕвездата на „Медена земјаа“ и вечерва е заедно со екипата во Холивид на доделувањето на Оскарите. (Фото: К. Попов)

    •  На крајот на мај победи на 21. Интернационален фестивал на документарен филм ДокАвив во Тел Авив, Израел, и се квалификуваше во трка за Оскар за оваа категорија. Според правилата на Академијата за филмска уметност и наука, „Медена земја“ го исполни едниот од двата услова за директна кандидатура, а тоа е да победи на еден од фестивалите кои се на квалификационата листа на Академијата. Докавив е еден од тие фестивали.
    • Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) во август 2019 го избра „Медена земја“ за македонски кандидат за Оскар во категоријата најдобар странски филм. Филмот беше номиниран и за европски Оскар за најдобар документарец
    • Академијата на 13 јануари објави дека „Медена земја“ е номиниран во две категории. „Пред дождот“ на Милчо Манчевски е единствениот македонски филм кој добил номинација за Оскар, во 1995 година. Претходно, во 1980 како југословенски кандидат номинација за Оскар имаше добиено краткиот документарец „Дае“ на Столе Попов.
    • Меѓу петте номинирани за најдобар документарец покрај „Медена земја“ се и „Американска фабрика“, „Пештерата“, „Работ на демократијата“ и „За Сама“, а за најдобар странски филм номинирани се и „Корпус Кристи“ од Полска, „Клетници“ од Франција, „Болка и слава“ од Шпанија и „Паразит“ од Јужна Кореја.
    • Филмот се прикажа на над 49 фестивал, освои околу 40-тина награди, а најрелевантните светски медиуми и критичари имаа големи пофалби и оценки за македонскиот докуметарец. Меѓу светски познатите ѕвезди кои на своите профили го пофалија филмот се Сара Џесика Паркер и Џејми Ли Кертис. Атиџе дури и ѝ гледала на кафе на ѕвездата на ТВ-серијата „Сексот и градот“ и го шармирала Холивуд.
    • Младинскиот културен центар (МКЦ) организира следење на Оскарите во живо. Вечерва во 22 часот ќе почне преносот од црвениот килим, во 22:30 часот во киното Фросина ќе се прикаже филмот, за во 00:15 часот е најавено вклучување на дел од авторската екипа и потоа ќе се гледаат Оскарите. Од МКЦ велат дека за присуство е потребен бесплатен билет, кој може да подигне од нивната билетарница.
    • Меѓу ѕвездите кои ќе се појават како презентери се ланските победници како Оливија Колман, Рами Малек, Реџина Кинг, Махершара Али, Алфонсо Куарон.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари