МИЛЧО МАНЧЕВСКИ И ИЗАБЕЛ ИПЕР ПО ВТОРПАТ ЗАЕДНО НА ФЕСТИВАЛ ВО КИНА

    МИЛЧО МАНЧЕВСКИ И ИЗАБЕЛ ИПЕР ПО ВТОРПАТ ЗАЕДНО НА ФЕСТИВАЛ ВО КИНАМанчевски и колегите ја оценуваа главната селекција од 13 меѓународни филмови, а наградата Златен кокос ја доделија на кинескиот филм „Балон“. (Фото: ХИФФ)

    Најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски  минатата недела беше член на жирито на Интернационалниот филмски фестивал во Хаинан, Кина, заедно со француската филмска ѕвезда Изабел Ипер и култниот американски режисер Абел Ферара. Ипер, која во 2013 доби Златна камера за особен придонес во светскиот филм на Фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, беше претседателка на седумчленото жири со врвни светски филмски професионалци на фестивалот кој се одржува на кинескиот туристички остров Хаинан, познат и како „Кинески Хаваи“.

    Манчевски и Ипер по вторпат се среќаваат во Кина, откако на фестивалот во Шангај во 2017 тие заедно во улога на презентери на сцената ја објавија и главната филмска награда.

    Фестивалот привлече големо медиумско вниманите од азиските и светските медиуми, а во жирито Манчевски беше заедно со француската филмска ѕвезда Изабел Ипер и култниот американски режисер Абел Ферара. (Фото: ХИФФ)

    Фестивалот во Хаинан се одржува по вторпат, откако лани го лансираа ѕвезди како  Џони Деп, Жилиет Бинош, Мадс Микелсен, Николас Кејџ и Џеки Чен, а на годинашното издание на црвениот килим прошетаа и холивудската ѕвезда Итан Хок, иранскиот оскаровец Асгар Ферхади, оперската дива Сара Брајтман и голем број азиски филмски и музички ѕвезди. Филмските проекции се одржуваат на отворено во огромното гледалиште на една од најпознатите азиски плажи во градот Санја.

    Манчевски и колегите ја оценуваа главната селекција од 13 меѓународни филмови, а наградата Златен кокос ја доделија на кинескиот филм „Балон“. Кинеските медиуми пренесуваат дека Ипер изјавила дека филмот е нејзино семејство и иако сите сме од различни култури и земји, сите сме обединети кога станува збор за уметноста, а Манчевски рече дека за еден филм единствено е важно да ти го допре срцето.

    Манчевски е многу почитуван уметник во Кина и неговите дела се многу познати во оваа земја. Во 2017 беше првиот македонски уметник со сеопфатно претставување во Азија. Тогаш, на јубилејното 20. издание на Филмскиот фестивал во Шангај беа прикажани сите негови филмови, тој беше и во жирито за главната награда на фестивалот, а наедно, одржа и мастерклас на Универзитетот во Шангај, беше отворена и негова изложба фотографии, а беше промовирана и негова книга што е издадена во Кина.

    Минатиот месец Манчевски гостуваше и во Тајван, каде на филмскиот фестивал во Тајпеј неговиот најнов филм „Врба“ имаше азиска премиера, а беше и фестивалски автор во фокусот и имаше и ретроспектива на филмовите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира