Со целосна ретроспектива на творештвото – неговите седум долгометражни филмови и два од краткометражните, и како претседател на меѓународното жири, Софија филм фест (СФФ) двојно ќе го честува македонскиот режисер Милчо Манчевски, соопшти фестивалот. 27. издание на еден од најголемите регионални фестивали ќе се одржи од 16-26 март 2023 година.
Во рамките на фестивалот ќе биде прикажан и најновиот филм на Манчевски, црната комедија „Кајмак“, најгледан филм во Македонија годинава. „Кајмак“ е македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж и во копродукција со МРТВ, која ја имаше светската премиера во Токио на најголемиот фестивал од А-категорија во Азија и деновиве сè уште се прикажува во македонските кина.
Во 1995, во програмата на СФФ беше прикажано дебито на Манчевски, „Пред дождот“ (кој освои номинација за Оскар и 11 награди во Венеција, вклучувајќи го и Златниот лав), а во 2020 тој повторно гостуваше во Софија за да го претстави „Врба“ кога доби и специјална награда на фестивалот.
Минатата недела Манчевски беше претседател и на жирито на меѓународен фестивал во Рим.