МИНИСТЕРОТ ЗА КУЛТУРА АДЕМИ ЈА ИЗБРАЛ СЛАЃАНА ТАСЕВА ДА ПРАВИ РЕВИЗИЈА ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА АЛБАНСКИОТ ТЕАТАР

    МИНИСТЕРОТ ЗА КУЛТУРА АДЕМИ ЈА ИЗБРАЛ СЛАЃАНА ТАСЕВА ДА ПРАВИ РЕВИЗИЈА ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА АЛБАНСКИОТ ТЕАТАРПо барање на физички и правни лица за извршување на ревизија на реконструкцијата на Албанскиот театар, министерот Асаф Адеми одлучил да формира комисија за ревизија на чело со Слаѓана Тасева; - Театарот треба да биде отворен во октомври годинава, а изградбата наместо 8, ќе чини 9, 1 милион евра

    Министерот за култура Асаф Адеми ја избрал поранешната претседателка на Антикорупциската комисија Слаѓана Тасева за претседателка на Комисијата за ревизија на реконструкцијата на Албанскиот театар во Скопје. Тасева е претседателка на невладината огранизација „Транспаренси интернешнел нулта корупција“, а беше и во комисијата за ревизија на проекот „Скопје 2014“.

    МИНИСТЕРОТ АДЕМИ ЌЕ ЧЕСТИ РУЧЕК АКО АЛБАНСКИ ТЕАТАР БИДЕ ГОТОВ ВО ОКТОМВРИ

    По пет години реконструкција, Албанскиот театар во октомври ќе биде пуштен во употреба, а изградбата наместо 8, ќе чини 9, 1 милион евра. Зградата почна да се реновира во јануари 2014, и тогашниот премиер Никола Груевски и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, најавија дека ќе биде готов до септември 2015 и ќе чини 8 милиони евра. Во 2015, фирмата изведувач „Ламоне Мореда“ од Италија банкротираше и обврските ги презема „Шенције“ исто така од Италија.

    На основниот договор од 2014 склучени се четири анекс договори, два во 2016 и два во 2017, со ставка за вишоци работи и непредвидени работи. Вкупниот буџет колку ќе чини целосната реконструкција изнесува 590.140.697, 99 денари, или 9, 1 милион евра.

    Од Министерството за култура за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека по барање на физички и правни лица за извршување на ревизија на реконструкцијата на Албанскиот театар, министерот Асаф Адеми одлучил да формира комисија за ревизија.
    „Одлуката е на министерот ова процедура да ја води Слаѓана Тасева“, велат од неговиот кабинет.

    Во јули годинава, министерот Адеми и директорот на Албанскиот театар Адем Карага, за време на турата за медиумите низ Албанскиот театар, на прашањето дали ќе има ревизија за реконструкцијата, рекоа дека се отворени за сѐ што компетентните институции мислат дека треба да се направи.

    „Досега не се преземени такви активности, но доколку има барање од Театарот или службите во Министерството за култура утврдат неправилности, ќе побараме од Државниот завод за ревизија или надворешно тело да изврши ревизија околу документацијата“, рече во јули Адеми.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира