МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА МУ ДОДЕЛИ, ПА МУ ГИ ОДЗЕМА ПАРИТЕ НА ФЕСТИВАЛОТ ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКА МУЗИКА

    МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА МУ ДОДЕЛИ, ПА МУ ГИ ОДЗЕМА ПАРИТЕ НА ФЕСТИВАЛОТ ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКА МУЗИКАОд концертот на ансамблот за современа музика „КонТемпора“ на ланското издание на фестивалот Денови на македонска музика (Фото: Универзитет „Гоце Делчев“)

    Министерството за култура му ги одзема веќе доделените средства за 42. издание на фестивалот Денови на македонска музика (ДММ), по ревизијата на Годишната програма за национален интерес во културата за 2019, реагира Сојузот на композитори на Македонија (СОКОМ). Програмата првично беше објавена на 8 февруари, но поради скандалозните одлуки и бурните реакции од јавноста, премиерот Зоран Заев поништи еден дел од програмата, и заедно со министерот за култура Асаф Адеми дадоа дополнителeн рок на одбиените проекти да достават дополнителни појаснувања и документација за пријавите кои имале формални недостатоци.

    Стручните комисии по одделни дејности од 12 февруари почнаа со повторно разгледување на сите одбиени апликации на конкурсот за Годишната програма. Новите ревидирани резулати беа објавени на 12 март. Членови на Комисијата за фолклор и музичко-сценска дејност при Министерството се: Плеурат Гаши (претседател), Весна Ѓиноска-Илкова, Јошко Бошковски, Арлинда Калиси и Северџане Лачи.

    „Имено, и покрај уверувањето дека со ревизијата ќе се корегираат само резултатите за оние апликанти кои не добија средства во првата објава (со која на СОКОМ како организатор на ДММ му беа доделени 1.500.000 денари, што е за повеќе од половина помалку од побараните, иако проектот беше оценет со висока оценка – 97 отсто), во втората објава Комисијата решила тоа свое првично решение да го поништи, во целина да му ги одземе веќе објавените средства и со тоа практично да го укине фестивалот кој годинава треба да го доживее своето 42. издание“, вели СОКОМ.

    Од Сојузот велат дека во првата објава на резултатите од Конкурсот, поради намалениот буџет, но и поради доцната објава, СОКОМ бил принуден да го смени форматот на фестивалот и да донесе одлука во првата етапа да се реализираат најпрвин проектите со странските уметници кои беа договарани со месеци наназад. Тоа се проекти, вели Сојузот, кои е незамисливо да се откажат, од проста причина што во нив финансиски учествуваат бројни странски партнери, авионските билети се веќе купени и се преземени низа дополнители обврски.

    „Та нели самото Министерство бараше од нас како апликанти уште во ноември да поднесеме и документација преку која се потврдува дека договорите и сумите со кои аплицираме не се само фиктивни?! И двете одлуки на Комисијата, само ги потврдуваат нашите повеќепати искажани мислења, дека Комисијата се раководи исклучиво од субјективни наместо од професионални стандарди, па дури ни во таа своја пристрасност не е доследна. Истовремено, и двете одлуки потврдуваат дека членовите на Комисијата ни од далеку немаат поим како се организира еден реномиран меѓународен фестивал, и што значи буџетот на таков фестивал, намален за повеќе од половина, прво да се дознае на само два месеца пред неговиот почеток, а потоа, на само неполн месец истиот и сосема да се укине“, се вели во реакцијата.

    Првиот концерт на ДММ 2019 е веќе закажан за 6 април, а во соработка со Австриското друштво за современа музика е поддржан од уште седум австриски институци.

    СОКОМ ќе поднесе соодветен приговор на одлуката на Министерството, а ако одлуката остане негативна, за понатамошната судбина на ДММ ќе решава Собранието на СОКОМ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира