Во топла атмосфера со доајени на македонската култура, филмски работници, со приказни и анегдоти помеѓу витрините со архивски материјали од снимањето на филмот „Мис Стон“ во режија на Живорад Жика Митровиќ, денес Кинотеката го одбележа Светскиот ден на аудиовизуелно наследство.
Во фоајето на Кинотеката е поставена изложбата изложбата „Мис Стон: Помеѓу Елен и Автономија“, по повод 60-годишнината од премиерата на филмот, каде се претставени фотографии, документи, преписки, сценарија, прес-клипинзи, книги на снимање, сценографски скици, пропаганден материјал и друг архивски материјал, кои се дел од збирката на пишувана документација на архивот на Кинотеката.
Во филмот работен според сценариото на писателот Ѓорѓи Абаџиев и Трајче Попов, играат Олга Спиридоновиќ, Марија Тоциноски, Илија Милчин, Драган Оцокољиќ, Илија Џувалековски, Петре Прличко, Драги Костовски, Виктор Старчиќ, Тодор Николовски, Дарко Дамески, Димитар Ќостаров.
„Од деца живеевме со приказните за Мис Стон. Татко ми, како прв сценарист во Македонија, нè држеше во тек, од идејата до снимањето на првиот филм во боја во нашата држава“, вели историчарката на уметност Соња Абаџиева, ќерка на сценаристот Ѓорѓи Абаџиев.
Меѓу гостите беше доајенот на македонскиот театар, актер, директор, театролог, историчар и хроничар Ристе Стефановски, кој бил млад актер во екипата кога се снимал филмот.
„Бевме многу голема екипа, над 1.000 луѓе учествуваа во снимањето на филмот, беше ангажиран врвот на македонското глумиште. Снимањето одеше бавно, не е како денес. Повеќе од две години се работеше на пунктови во Маврово, на Попова Шапка. Ние што бевме помладите актери, многу се спријателивме.
Жика Митровиќ беше еден од врвните режисери, во тоа време немаше подобар од него. Филмот беше многу скап, но со тоа што во него се вложија многу пари, со оваа наша средба со изложбата, на некој начин се потврдува фактот дека тие пари не биле залудно потрошени. Се направи филм, кој беше еден од најгледаните, кој говореше за нашите маки, за нашите херои, за еден период од борбата на македoнскиот народ за својата сувереност“, говореше 89-годишниот Стефановски.
Според в. д. директорот на Кинотеката Владимир Ангелов, „Мис Стон“ секако не е најдобриот филм во Македонија, ниту најнаградуваниот, ниту пак култен филм според денешните стандарди, но е битен дел од нашата колективна свест.
„Овој филм не е многу работи, а сепак претставува неодминлив дел не само од историјата на македонската филмска продукција, туку и од нашата колективна свест. ‘Мис Стон’ е нашиот ‘Војна на ѕвездите’. Парадигма на борбата помеѓу доброто и лошото. И да, далеку подобар е“, вели Ангелов.
Филмологот Александра Младеновиќ вели дека своевремено, „Мис Стон“ беше меѓу најскапите и најамбициозни југословенски продукции, прв македонски филм во боја, но и во тоталскоп техника (италијанската верзија на холивудскиот синемаскоп), како што тогаш ги снимаа костимираните историски епопеи во студиото Чинечита.
„Инспириран од настан што навистина се случил во 1901 година, кога четата на Јане Сандански ја грабнува американската мисионерка Елен Стон со цел да изнуди откуп и со тие пари да го финансира востанието и борбата за независна Македонија, филмот ‘Мис Стон’ во режија на Живорад-Жика Митровиќ требаше да задоволи и оправда многу очекувања. Требаше да ја најави новосоздадената македонска кинематографија и да ја промовира вон границите на Југославија; да ја промовира и претстави македонската култура и историја; да биде забава за филмската публика, но и психолошка драма истовремено. Требаше да му биде отскочна штица на ‘Вардар филм’, за продуцентската куќа во формирање да се докаже пред останатите поискусни и подобро екипирани конкурентни имиња на југословенскиот филмски пазар. Требаше да даде официјален, научно поткрепен став кон дел од историското минато за кое дотогаш малку се истражуваше и јавно пишуваше. Пред сè, требаше да биде добар филм“, вели Младеновиќ.
Веднаш по премиерата во ноември 1958 година, „Мис Стон“ стана еден од најгледаните филмови во тогашна Југославија, подобро прифатен од публиката отколку од филмската критика. Следната година доби три Златни арени на престижниот Пулски фестивал, Петре Прличко беше награден за улогата на Манданата, Олга Спиридоновиќ за улогата на Елен Стон, и Василије Поповиќ-Цицо беше награден за сценографијата во филмот. Следувале и други фестивали и награди, а започнала и доста амбициозно планираната дистрибуција вон границите на земјата.
„Но ‘Мис Стон’ не го освои светот. Четири години по премиерата, во 1962 година, за време на големите поплави во Скопје, беа оштетени изворните филмски материјали, негативите од филмот и во тоа време не можеше да се направи квалитетна позитив-копија за прикажување и дистрибуција“, велат од Кинотеката.
Во децениите што следувале „Мис Стон“ бил прикажуван на ТВ, и поретко во рамките на некоја манифестација, филмска програма, или јубилеен настан, но во доста компромитирачка состојба, од премногу употребувани и оштетени ролни, копии на копии на копии на копии.
Во декември 1990, Кинотеката на Македонија организираше научен симпозиум за филмот, на кој присуствувале добар дел од актерската и филмската екипа, филмски критичари, историчари, режисери, драматурзи, културни дејци и љубопитна публика.
„’ Мис Стон’ повторно беше прикажан, во скромната сала на Клубот на пратениците, а Петре Прличко, видно возбуден и со силен емотивен набој, пред самата проекција и пред публиката, го реплицираше својот монолог од познатата сцена по раѓањето на малата Елена, којашто за малку ќе добиеше име Автономија“, вели Младеновиќ.
Б. НЕСТОРОСКА