Шест раскази од збирката „Мојот маж“ на писателката Румена Бужаровска се драматизирани во истоимената претстава во режија на Нела Витошевиќ, чија премиера е закажана за на 15 февруари во 20 часот во Драмски театар.
Витошевиќ, која во Драмски се враќа по две години по „Странци“, една од најбараните претстави, вели дека со Бужаровска се спријателиле пред неколку години, и дека откако го прочитала нејзиното дело ѝ понудила да го спакуваат во претстава.
„Таа ми рече: ‘Нела ти си доминантна како режисер, јас како автор, дај некој друг да ја работи драматизацијата’. Многу разговаравме околу тоа дали да земеме еден расказ па да се развива или повеќе, но јас ѝ реков: ‘Ќе земеме повеќе, јас знам ова како да го направам’. Потоа драматизацијата ја работевме со Викторија Рангелова-Петровска“, вели Витошевиќ. „Мојот маж“ како проект на Кино Култура два пати бил одбиен од Министерството за култура.
Драмската структура на претставата е изградена од два меѓусебно испреплетени материјали, и тоа драматизацијата на шесте раскази (‘Супа’, ‘Празно гнездо’ , ‘Прељубник’ , ‘Осми март’ , ‘Гени’ и ‘Лиле’) и документарниот материјал произлезен од авторските монолози.
„Три теми се во фокусот на претставата: за промашен живот, честа тема кај нас бидејќи живееме во депресивно општетство, потоа темата за неверството и темата на грижа на совест“, рече режисерката.
Во претставата играат: Сара Климоска, Емилија Мицевска, Наталија Теодосиева, Сања Арсовска, Трајанка Илиева-Вељиќ, Игор Ангелов, Филип Трајковиќ и Исмет Шабановиќ.
Целата екипа и режисерката на денешната прес-конференција говореа дека процесот на работа, во кој секој открива интимен момент од својот живот е од големо значење за сите нив, и како индивидуи и како уметници, кој им помогнал да препознаат некоја нова енергија во себе.
„На почетокот мислев дека немам што да дадам. Но, како што се развиваше процесот, и те како се отворив и сфатив дека имам многу за што треба да говорам“, рече Илиева-Вељиќ, а на тоа се надоврза Теодосиева: „Знаеме дека од тоа што го споделуваме на сцената ризикуваме да ни се налути семејството, другарите, бивши партнери, но користа од отворањето е многу поголема“.
Костимите се на Роза Трајчевска-Ристоска, сценографијата на Константин Трпеноски, а изборот на музика на Витошевиќ. Репризата е на 20 февруари.
Б. НЕСТОРОСКА