Младинскиит културен центар (МКЦ) во Скопје објави повик за учество на домашни продукции на меѓународниот театарски фестивал Млад отворен театар (МОТ), чие 47. издание ќе се одржи од 10 до 19 ноември.
„Будно следејќи ги активностите на домашната театарска сцена, претставени преку несомнено големите заложби за истрајност и континуирано и иновативно делување, особено на независната театарска сцена, програмскиот колегиум на МКЦ одлучи да организира посебна селекција за домашната продукција, а за најдобрата да воведе и награда“, соопшти МКЦ.
Наградата ќе се доделува на најдобрата продукција во целост од периодот меѓу две изданија на МОТ, а ќе се состои од копродукциско учество во следното фестивалско издание и директно финансиско учество од 3.000 евра.
Селекцијата на претставите ќе ја прави програмскиот колегиум на МКЦ, а жирито ќе биде меѓународно. Предност при селекцијата ќе имаат продукции што доаѓаат од млади автори и оригинални, неконвеционални и иновативни продукции. Крајниот рок за пријава е 19 октомври.