МУЗИКА ОД СИМОН ТРПЧЕСКИ ЌЕ СЕ ПУШТА НА ЛЕТОВИТЕ НА ГЕРМАНСКАТА АВИОКОМПАНИЈА „ЛУФТХАНЗА“

    МУЗИКА ОД СИМОН ТРПЧЕСКИ ЌЕ СЕ ПУШТА НА ЛЕТОВИТЕ НА ГЕРМАНСКАТА АВИОКОМПАНИЈА „ЛУФТХАНЗА“Станува збор избор од 16 дела кој маестро Трпчески го направил од свои, но и од изведби на светски уметници. Во изборот влегоа и фрагменти од неговиот проект „Македонисимо“, инспириран од македонскиот фолклор. (Фото: Екран од седиште на Луфтханза)

    Музички дела од македонскиот пијанист со светска кариера Симон Трпчески ќе се пуштаат на летовите на една од водечките светски авиокомпании, „Луфтханза“ од Германија, велат од Здружението за култура и уметност КултурОп.

    Станува збор избор од 16 дела од Шопен, Чајковски, Бетовен, Равел и други, што маестро Трпчески го направил од свои, но и од изведби на други светски уметници. Во изборот влегоа и фрагменти од неговиот проект „Македонисимо“, инспириран од македонскиот фолклор. Осум дела се во негова изведба. Музиката ќе биде дел од понудата за забава во текот на летот што патниците можат сами да ја избираат преку системот за избор на филмови, музика и игри.

    „Македонскиот пијанист славен низ светот поради експресивниот начин на изведба и харизматичното сценско присуство, Симон Трпчески, избра некои од своите омилени музички дела ексклузивно за ‘Луфтханза’. Пет од нив се фрагменти од прославата на македонската музика низ проектот ‘Македонисимо’, што Трпчески го изведува со своите музички пријатели“, вели компанијата.

    „Навистина ми е многу мило што сум дел од програмата на летовите на ‘Луфтханза’, компанија која е еден од реперите во авиосообраќајот. Да се биде дел од нивните програми што ги слушаат илјадници патници е голема чест, а јас се определив за дела секако во рамките на правилата на Уметничкиот одбор на компанијата и можностите со авторските права. Се надевам дека на патниците ќе им се допадне мојот разновиден избор од пијанистичка и симфониска литература, но и со мал дел од ‘Македонисимо’, во функција на натамошна афирмација на македонската народна музика изведена на такво високо ниво. Ова е многу убаво и се надоврзува на номинацијата во потесен круг на наградите на Германската музичка критика токму со албумот ‘Македонисимо’,  што излезе под етикетата на ‘Лин Рекордс’“, вели Трпчески.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира