Скопската премиера на филмот „Нема да ви се верува што се случи претходно“, во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, е закажана за 12 ноември во Синеплекс, по што ќе игра на редовен репертоар, објави киното.
Дебито на Јаниќијевиќ имаше македонска премиера на 25 септември на затворањето на 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. Светската премиера беше во средината на септември на фестивалот во Олденбург, Германија.
Филмот, со работен наслов „Касапско оро“, се снимаше во средината на 2024. Идејата е на Јанаќијевиќ, сценариото е на Сашо Кокаланов и Дејан Дуковски, а играат Никола Ристановски, Дарја Ризова, Сашко Коцев, Сара Сандева и Оливер Митковски.
- ДЕБИTO НА СРЃАН ЈАНИЌИЈЕВИЌ „НЕМА ДА ВИ СЕ ВЕРУВА ШТО СЕ СЛУЧИ ПРЕТХОДНО“ СО СВЕТСКА ПРЕМИЕРА НА ФЕСТИВАЛОТ ВО ОЛДЕНБУРГ
- „КАСАПСКО ОРО“ Е ЗА ТОА КОЛКУ Е ТЕШКО ДА ОСТАНЕШ ЧИСТ, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ СРЃАН ЈАНИЌИЈЕВИЌ ЗА ДЕБИТАНТСКИОТ ФИЛМ
Филмот е политички трилер со елементи на црна комедија, во чиј фокус се борбата за вистината, слободата на новинарството и обидот да се зачуваат личниот и професионалниот интегритет во општество во кое политиката, криминалот и медиумите се длабоко испреплетени. Филмот следи двајца новинари во движење, бркани од сенките и од времето.
„За Никола Ристановски, за кого нема што да кажам повеќе и очигледно човекот е ѕвезда, нѐ прашуваа во Олденбург: ‘Кој е овој глумец и дали тој е ѕвезда, зашто ваков глумец не се сретнува на филмското платно’. Тие беа баш воодушевени и возбудени од тоа. Целата актерска игра беше одлична, влегоа во филмот толку посветено, како да им е последен. На фестивалот кажаа дека ретко се гледа филм каде што секој карактер е толку добро на ниво на приказната и на драматургијата, па имаш емпатија дури и спрема оние ликови кои би требало да ги мразиш“, рече Јанаќијевиќ во Битола минатиот месец.
Монтажер е Мартин Иванов, композитор е Игор Василев-Новоградска, дизајнер на продукција Иван Бартлинг, костимографка е Лидија Георгиева, дизајнерка на филмска шминка Снежана Ангеловска-Живковска, а дизајнер на звук е Дарко Спасовски. Главен продуцент е Сашо Пешев во продукција на „Ново македонско видео“, односно „Њу момент“.



